Регионалниот пат од Охрид кон Албанија, во делот кога се оди од Охрид кон Св.Стефан, целиот е обраснат во трева и дрвја. Патниците кои викендов одеа кон Св. Стефан и Св. Наум велат дека додека возат по патот имаат чувство дека возат низ џунгла, од која во секој момент може да се појави змија, а стравуваат и од пожар.
„Патот целиот е обраснат со трева, која е висока над еден метар. На вака несреден простор ништо чудно да се изведат и змии. Но, пострашно е што на овие високи температури тревата може многу лесно да се запали и да предизвика пожар“, велат охриѓани.
Директорот на ЈП „Македонија пат“ Гајур Кадриу, во чија надлежност е оддржувањето на овој патен правец, вели дека веднаш ќе прати екипи да провери каква е состојбата, и ако има потреба веднаш ќе интервенираат. Тој вели дека еднаш месечно ја косат тревата и го расчистувааат просторот околу патиштата и тоа половина метар од патот.
„Редовно го оддржуваме просторот околу патот, еднаш месечно косиме. И временските услови беа погодни тревата брзо да расте, односно имаше многу дождови и сега топлото време си влијаат. Можно е повторно да пораснала тревата“, вели Кадриу.
Тој додава дека при одржување на патиштата се води сметка за тоа прво да се расчисти просторот на оние делници кои се приоритетни.
„Веднаш ќе интервенираат нашите екипи од Охрид, и што не е средено ќе го искосат“, додава Кадриу.
Д. ЧУБРИЌ