Магистралниот пат Тетово-Јажинце сѐ уште е блокиран . Големи наноси од камења, песок, дрва и кал кои ги донесе Поројска Река во синoќешното невреме, го прекрија патот во должина од 200-300 метри. Во текот на ноќта и утрово тешка механизација од багери и камиони се обидуваат да го пробијат патот. Најголеми тешкотии им создаваат големите наноси од кал кој на некои места е во висина од речиси два метри.
„Досега сме имале многу поплави на ова место, помали и поголеми од оваа. Оваа бесна река корнела дрва, носела песок, камења и огромни карпи, но никогаш немало толку кал. Некои од селото мислат дека таа дошла од изградбата на трите мали хидро централи изградени кај село Ѓермо. Навистина не знaеме од каде дојде оваа кал“, вели жител на Порој.
Невремето започнало вчера попладне, а најкритично било околу 17 часот. Од обилните дождови реката брзо надошла и однела еден од мостовите во селото и го прекрила патот кон Јажинце. За среќа, не навлегла во куќите од село Порој. Магистралниот пат кон Јажинце и границата со Косово од вчера е затворен а сообраќајот се одвива преку околните патни правци. Со оглед на големите наноси, тешко е да се предвиди кога ќе биде оспособен за сообраќај.
Освен едниот мост во селото, надојдената река однела и една перална за автомобили која се наоѓала веднаш до речното корито. Жителите на Порој кажуваат дека пред некоја година реката при една ваква поплава еднаш ја однесе пералната но сопственикот повторно ја изградил на истото место и сега реката пак му ја однела. Од пералната остана само покривот затрупан во калта.
Поројска Река, иако мала по обем, при големи дождови може да надојде и да направи големи штети и на патот, а неретко и во селото. Досега имало неколку вакви поплави, при кои најмногу на удар на реката е патот кон Јажинце.
З. АНДОНОВ