Штрајковите на вработените во Македонски железници особено ги чувствуваат велешани кои работат во Скопје и секојдневно патуваат до работното место, а немаат организиран превоз. Неколку илјади велешани работат во главниот град, повеќето патуваат со сопствен превоз организирани во групи, други со автобуси од фирмата или со меѓуградски автобус, а неколку стотици ги користат услугите на МЖ. Тие што патуваат со железницата имаат случки за кои јавноста не знае. Велат железницата е јавен превоз кој сообраќа како воз без возен ред.
„За последниот штрајк на МЖ Транспорт од неколку часа јавноста разбра. Започна во 13, заврши во 20 часот. Но, во средината на јули никаде не се објави дека Македонски железници штрајкува, а возовите не возеа неколку дена. Среда наутро се упатив на железничката во Велес. Попат, друг патник кој исто така патува со првиот воз Велес-Скопје во 5:03 часот ме сретна и ми кажа дека возовите не сообраќаат поради штрајк, оти во МЖ Транспорт не земале плата. Ова често се случува во МЖ, еден ден Транспорт, друг ден Инфраструктура штрајкува, секој месец по некој ден. Тоа стана наше секојдневие. Нека штрајкуваат, но нека соопштат ден претходно, а не кога ќе стигнеш на железничка да разбереш дека воз нема. Така и оние малкуте патници ги избркаа од возовите“, вели велешанец кој работи во Скопје.
Патувањето тоа утро морал да го решава со таксист, кого го будел рано наутро, бидејќи автобус за Скопје во тоа време нема. Но, тука не завршуваат маките на велешаните да стигнат на работа во Скопје. Велешанка која патувала со автобус наишла на друг проблем.
„Околу 16 часот бев на автобуската за да одам на работа во Скопје, бидејќи тоа беше уште еден ден од штрајкот на железничарите минатиот месец за кој во јавноста немаше информација. Стигна автобус, но тоа беше минибус. Сѐ почесто превозниците користат минибуси за патување. Возачот преку прозорот крена два прста, што значеше дека има само две слободни места. А, бевме десетина. Ги молев младите кои одеа за Скопје да ме пуштат, но тие не реагираа, па морав да чекам следен автобус за да стигнам на работа“, вели велешанката.
Патниците луто констатираат дека велешани живеат во убедување дека градот е транспортен центар на Македонија, а праксата е друга.
„Ние во Велес мислиме дека сме центарот на Македонија и имаме транспортни врски со главниот град кога и колку ни треба. Но, фактичката состојба е друга. Ние сме отпадок и не прибираат ако има место во автобусите, ако возовите не штрајкуваат. Не сум само јас. Вакви примери се бројни“, велат велешани кои работат во Скопје.
П. ПЕЧКОВ