На денешната прес-конференција, која се одржа во седиштето на Алијанса за Албанците во Тетово, Азир Алиу, кој неодамна беше разрешен од должноста министер за информатичко општество, изјави дека крилото на Арбен Таравари го има мнозинството членови на Собранието на партијата. Тој тврдеше и дека крилото на Зијадин Села направило голем број статутарни прекршоци, дека се служеле со фалсификувани потписи и непостоечки членови на Собранието, поради што наскоро сакаат да поднесат и кривична пријава против Села.
„Имајќи предвид дека записникот и списокот на присутните членови на таканаречената седницата на Собранието одржана од Села не се доставени во архивот на нашата партија, односно во седиштето на партијата во Тетово, и од тоа што е изјавено во јавност од страна на претседателот на Собранието на партијата Села и од останатите учесници после седницата на Собранието, констатираме низа статутарни прекршоци. Значи, уште еднаш денеска пред вас сакам да истакнам дека мнозинството во Конгресот, Собранието и во членовите на партијата го има претседателот Таравари“, изјави Алиу.
Алиу очекува на Вонредниот конгрес на партијата кој ќе се одржи вечерва во Скопје, овие негови тврдења за мнозинство да се исполнат. Тој нагласи дека и печатите од партијата се кај Таравари, но за нив поважно било дека и народот е со нив.
„Печатите се кај претседателот Таравари, но нашата секојдневна поврзаност со народот ни е многу побитна од печатите. Бројот на присутни членови на Собранието, кои вечерва ќе присуствуваат на Конгресот, се на страна на претседателот Таравари“, заклучува Алиу.
З. АНДОНОВ