ВО РЕСЕН ИМА ОКОЛУ 250 БОЛНИ ОД РАК, ЕКСПЕРТИТЕ ПРЕДУПРЕДУВААТ ДЕКА ПЕСТИЦИДИТЕ ГО ЗАГРОЗУВААТ И ЕЗЕРОТО И ЗДРАВЈЕТО НА ЛУЃЕТО

    ВО РЕСЕН ИМА ОКОЛУ 250 БОЛНИ ОД РАК, ЕКСПЕРТИТЕ ПРЕДУПРЕДУВААТ ДЕКА ПЕСТИЦИДИТЕ ГО ЗАГРОЗУВААТ И ЕЗЕРОТО И ЗДРАВЈЕТО НА ЛУЃЕТОПрисутните на панел-диксусијата побараа податоците за концентрација на пестициди во водата да се објават јавно, инспекцијата да биде поажурна во контролите какви пестициди се користат и колку често се прска. (Фото: СДК.МК)

    Состојбата со Преспанското Езеро е загрижувачка, водата збогатена со фосфор и азот го загрозува живиот свет во езерските води, а преку синџирот на исхрана тие стигнуваат до птиците и човекот, предупредија експертите на панел-дискусијата „Здрава средина, здрав живот“, што на Светскиот ден за животна средина и здравје се одржа во Ресен. Состојбата се должи до 52 проценти на климатските промени, но останатите 48 отсто отпаѓаат на активностите на човекот, меѓу кои и примената на агрохемикалии во овоштарството.

    Присутните на панел-диксусијата побараа податоците за концентрацијата на пестициди во водата да се објават јавно, инспекцијата да биде поажурна во контролите какви пестициди се користат и колку често се прска.

    „Зголеменото внесување на нутриенти во езерото доаѓа од сливното подрачје, обработливите површини, дивите депонии на кои сè почесто забележуваме амбалажи од агрохемикалии. Во тие депонии се случува испуштање на различни хемикалии кои преку дождови, површински водотеци, подземно води и реки стигнуваат до езерото. Во езерската вода предизвикуваат зголемена продукција на фитопланктонот, цветање на алги и можност за појава на цијанофити – токсични алги кои го загрозуваат животот во езерото, но и здравјето на човекот и птиците“, рече Орхидеја Тасевска, директорка на Хидробиолошкиот завод од Охрид.

    Панел-дискусијата „Здрава средина, здрав живот“, што на Светскиот ден за животна средина и здравје се одржа во Ресен. (Фото: СДК.МК)

    Таа кажа дека на почетокот на овој милениум, кога уште ја мереле концентрацијата на пестициди во езерските води, метаболити на забранети агрохемиски средства уште се наоѓале во Преспанско Езеро, во водата, седиментот и ткивата на рибите.

    Д-р Давид Здравески од Институтот за јавно здравје, рече дека таквите концентрации сега ги мери Центарот за јавно здравје во Битола и дека можат да предизвикаат бројни болести.

    „Од труења, оштетување на црниот дроб, бубрезите, малигни заболувања, цревни заболувања, дијареа бактерии и вируси“, рече Здравески.

    Во Општина Ресен, на чија територија е дел од Преспанското Езеро и каде населението се занимава со овоштарство, има околу 250 лица заболени од рак.

    „Колоректалниот карцином и ракот на дојка се најчестите од малигните заболувања од Ресен. Во 2025 година фокус во превенцијата на јавното здравје во Преспа ќе биде заштита од од загадување поради присуство од пестициди“, рече Благој Китановски, директор на болницата во Отешево.

    Билјана Стојаноска, претставничка на аптекарите во Преспа, рече дека како никогаш досега во Ресен продаваат лекови за карцином, тироидна жлезда, стерилитет, алергии.

    „Како фармацевти нема да останеме неми, ќе нудиме едукација и совети за секој што сака да живее поздраво“, кажа Стојаноска.

    Раководителот на Секторот за животна средина во Општина Ресен, Ајман Ал Мала, рече дека се вклучени во бројни проекти за заштита на езерото, но треба да го заштитиме од самите нас зашто создаваме отпад.

    „Ако сакаме здрава животна средина треба да тргнеме од себе. Отпадот ние го создаваме, никој не ни го носи. Тоа е заедничка обврска, а не само на локалната самоуправа. Во 2026 година ќе имаме нови директиви за управување со отпад, вода за пиење, отпадни води, ќе имаме многу работа за хармонизација на нашето со европското законодавство“, рече Ал Мала.

    Настанот беше во рамки на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“ во проект што го спроведуваат Институтот за кумуникациски студии (ИКС), Еко герила Преспа и Македонското еколошко друштво (МЕД), поддржан од „ЕУ за Преспа“.

    Ж.  ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира