ПО КОВИД КРИЗАТА, БИТОЛА УШТЕ НЕ МОЖЕ ДА ГО ДОСТИГНЕ ТУРИСТИЧКИОТ ВРВ ОД 2018

    ПО КОВИД КРИЗАТА, БИТОЛА УШТЕ НЕ МОЖЕ ДА ГО ДОСТИГНЕ ТУРИСТИЧКИОТ ВРВ ОД 2018Во Битола секоја година се зголемува бројот на странски туристи, но во градот недостигаат хотели од висока категорија во кои би можела да се смести поголема туристичка група. (Фото: СДК.МК)

    Во последното десетлетие, Битола туристичкиот врв го достигнала во 2018 година, кога градот го посетиле 35.023 туристи, покажува анализата направена во Студијата за развој на летниот и зимскиот туризам на Пелистер. Туристички најлоша била 2021, кога бројката паднала за нешто помалку од половина, односно на 13.287 посетители, како резулта на пандемијата со ковид-19. Бројките почнуваат да се подобруваат од 2022, а лани во Битол имало 23.419 туристи. Тоа сепак е за 11.604 помалку од периодот пред ковид кризата.

    Ако ваквите резултати ги споредиме со бројот на жители низ македонските општини, може да се каже дека Битола за седум години изгубила туристи колку што има жители во Дебар.

    Според Студијата изработена од експертски тим, а по нарачка на Општина Битола и во соработка со Националниот парк „Пелистер“, бројот на странски туристи лани бил 13.073 или за над 9.000 помал од 2018 кога имало 22.837.

    И бројот на ноќевања од година в година до 2018 бележи рапиден раст со 96.165. Во 2020 поради пандемијата имало 22.819 ноќевања. Следните години закрепнувањето оди бавно, па лани имало 49.992 ноќевања. Иако е реализиран благ пораст, тој е далеку пред реализацијата на ноќевања во 2018 или разликата е за 47.746 помалку.

    Просечното учество на вкупниот број туристи кои ја посетиле општина Битола изнесува 41% во прометот на Преспанско-Пелагонискиот Регион, но само 2,61 проценти од прометот на државно ниво. Тоа отвора простор за унапредување на посетеноста во национални рамки.

    Битола најмногу ја посетуваат гости од Србија, на второ место е Грците, на трето Австралија, а на четврто Турција.

    Според студијата, во 10-годишниот период присутна е релативна стагнација на капацитетите за сместување и сервисни дејности со храна. Највисока застапеност е забележана во 2014 со 246 објекти, за потоа да дојде до релативно намалување и во 2023 да има 213. Загрижува што динамиката на движење на овие објекти е во нагорна линија во државата, што значи дека општина Битола заостанува во овој поглед.

    Бројот на категоризирани објекти за сместување е релативно низок во однос на регистрирани објекти. Карактеристично е дека нивото на квалитет не е задоволително, се посочува во студијата, преовладуваат објекти од 3 ѕвезди. Отсуствуваат повисоките категории, што зборува за тоа дека се работи за релативно скромна застапеност на обемот и квалитетот на услугите. Анализата покажува дека е неопходно да се зголеми обемот на капацитети и да се подобри квалитетот на услугите. Кај рестораните, со четири ѕвезди се категоризирани само два, со 3 ѕвезди четири, а вкупниот број евидентирани ресторани според Општина Битола е 46.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира