Основниот суд Штип го осуди 69-годишниот возач Богдан М. од Штип на 5 и пол години затвор затоа што пред средното училиште „Никола Нехтенин“ во Штип прегази ученик на пешачки премин.
Настанот се случи во ноември минатата година кога пешакот Мустафа С. од штипското село Караорман заедно со неколку други соученици ја преминувале улицата пред училиштето на пешачки премин. Некои од возилата застанале, но не и возилото кое го управувал Богдан М.
Било утврдено дека возилото се движело со 84 км на час, а возачот на судот ја признал вината. Осудениот има право на жалба, но според изјавите тој длабоко се каел за стореното.
15-годишниот ученик по настанот десетина дена беше во кома на Скопската клиника, но потоа им подлегнал на повредите. Неговите соученици бараа најостри казни и протестираа за незаштитената улица пред училиштето.
Неколку месеци потоа се поставија на едната страна пред училиштето лежечки полицајци, а на другата страна кружен тек за намалување на брзината за поголема безбедност пред сѐ на нучениците.
Т. ЈОВАНОВСКИ