Сточари и земјоделци од Пелагонија денеска протестираа пред Подрачното одделение за земјоделство во Битола, барајќи државата навреме да ги исплаќа субвенциите и да поведе поголема грижа за откупните цени на нивните производи. Протестот го имаа закажано пред неколу дена зашто не им беа исплатени субевнциите за обележани грла говеда за 2024 година, а парите им стигнаа на 18 јуни, односно два дена пред да излезат на протести.
„Имавме рок до 15 јуни да бидат исплатени субвенциите. Тоа се случи откако го закажавме протестот. Наместо да бидеме на првата листа за исплата зашто стоката е жива материја и бара храна и услови, ние сме последни. Не е во ред да добиваме субвенции со протести. Сега бараме до 10 јули да се исплатат субвенциите за предадено млеко по литар за првиот квартал од 2025 година“, рече Тони Петковски, сточар од село Велушина.
Се пожалија дека откупната цена на млекото е намалена од пред три месеци за еден до два денари, додека по маркетите вртоглаво расте цената на млечните производи.
Од Министерството за земјоделство, на 18 јуни соопштија дека исплатиле 341.536.000 денари кон 4.144 сточари и дека грижата за нив продолжува и понатаму.
На денешниот протест, земјоделците се пожалија дека на дваесетина дена пред почетокот на жетвата на житото уште не знаат ни колкава ќе биде откупната цена.
„Слушам дека цената на јачменот во Светиниколско е 9 денари за килограм. Тоа е срамно. Пет килограми лебно зрно за едно топче сладолед. Земјоделието не гледа партија, кој сака нека е на власт. Тоа треба да биде прва гранка зашто млекото и лебот се основни продукти. Мора со министерот да седнеме на заедничка маса да договориме цена. Лани во ова време рече дека тогаш ја добиле власта и не биле подготвени за откупот. Една година се на власт, нека дојде да каже која е цената на житото и кои се загарантирани откупувачи, да немаме проблем да го откупат житото, а да не ни го платат“, изјави Петковски.
Тешките состојби во земјоделството и сточарството се одразуваат и врз младите.
„Младината сака да си замине од државата, не гледа сигурност, стабилност. Тука остануваме ние, последните генрации кои работиме земјоделие. Имам 67 години, уште не сум под пензија зашто нема кој да ги преземе клучните работи“, рече еден земјоделец.
Протестот го поддржаа и овчарите од Пелагонискиот Регион.
„Пак нема откуп на јагне, откупните цени се ниски, условени сме од кланичарите да не ги даваме на приватно. Се намалува бројот на сточари. Ги продаваат овците, имам 300 глави и јас ќе ги продадам. Младите заминуваат во странство, со кого ќе работиме? По 1.000 евра еден овчар плаќаме“, рече Маријан Стојановски од Новоселани, Прилеп.
Ж. ЗДРАВКОВСКА