ПЕТАРДИТЕ МОЖАТ ДА ДОВЕДАТ ДО ТРАЕН ИНВАЛИДИТЕТ, РЕКОА ОД ЦРВЕНИОТ КРСТ НА ВЕЖБАТА ВО СТРУМИЦА

    ПЕТАРДИТЕ МОЖАТ ДА ДОВЕДАТ ДО ТРАЕН ИНВАЛИДИТЕТ, РЕКОА ОД ЦРВЕНИОТ КРСТ НА ВЕЖБАТА ВО СТРУМИЦАНа вежбата беше прикажано како младо лице со пукање петарда губи два прста. (Фото: СДК.МК)

    Не користете петарди оти може да имате траен инвалидитет. Ова беше пораката што волонтерите од струмичкиот Црвен крст преку вежба ја упатија до граѓаните. Во вежбата беше вклучен и oтсекот за превенција при СВР Струмица. Тие на симболичен начин прикажаа дека користењето петарди може да предизвика тешки последици.

    На вежбата беше прикажано како младо лице со пукање петарда губи два прста. Вресоци од болка. Другарите беспомошни. Доаѓа полиција, потoa и Црвен крст, чии волонтери даваат прва помош. Сето тоа се случуваше со една јасна порака, за време на празниците да не се користат петарди.

    „Нашата цел беше да укажеме дека петардите можат да предизвикат тешки повреди, изгореници, ампутации, оштетување на слух. Предизвикуваат и трауми кај деца и животни и се загадува животната средина“, објасни Никола Ризов, волонтер во Црвен крст Струмица, кој беше главниот лик на вежбата.

    Црвениот крст заедно со Одделот за превенција при СВР Струмица делеше и флаери со наслов „Не користи пиротехнички средства – денес гледаш симулација, утре може да биде реалност“.

    СВР Струмица во соработка со лекари од Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија реализираше и повеќе едукативни предавања за ученици од прва година од средните училишта во Струмица.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира