ПЕТТА КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА БИТОЛСКИОТ ЕКСГРАДОНАЧАЛНИК ВЛАДИМИР ТАЛЕСКИ

    ПЕТТА КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА БИТОЛСКИОТ ЕКСГРАДОНАЧАЛНИК ВЛАДИМИР ТАЛЕСКИТалески овојпат се товари за сторено кривично дело несовесно работење во службата со кое ја оштетил Општината за 799.200 денари (Фото: СДК.МК)

    Битолската полиција поднесе уште една кривична пријава против ексградоначалникот на Битола Владимир Талески. Овој пат тој се товари за сторено кривично дело несовесно работење во службата.

    Според полицискиот извештај, Талески во период од 2015 до 2017, спротивно на Законот за локална самоуправа дозволил две правни лица да бидат ослободени од плаќање месечен надомест за вршење линиски превоз на патници во општина Битола. Со ваквата постапка тој нанел штета на Општината во висина од 799.200 денари.

    Покрај ова, со потпишување на договори со превозници и правни лица кои користат услуги, неосновано створил побарување на Општината од 11.329.253 денари. Исто така, по завршување на проектот Реконструкција на автобуски стојалишта не презел дејствија за вршење на надзор за одржување на автобуските постојки.

    Ова е петта кривична пријава против Талески објавена во јавноста, по оние за случајот на СЈО Транспортер 1, 2 во кои е обвинет за злоупотреби со школскиот превоз. Третата е за злоупотреба на службената положба зашто се сомничи дека дозволил набавка на лесно масло за греење во градинките и школите без склучени анекс договори. Четвртата за несовесно работење поради негрижа за одржување на Офицерскиот дом. За случаите Транспортер 1 и негрижа за Офицерскиот дом започнати се судски процеси.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира