ПИШУВАМЕ ПРЕСУДИ КАКО ДА СЕ МАГИСТЕРСКИ ТРУД, ВЕЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА БИТОЛСКА АПЕЛАЦИЈА

    ПИШУВАМЕ ПРЕСУДИ КАКО ДА СЕ МАГИСТЕРСКИ ТРУД, ВЕЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА БИТОЛСКА АПЕЛАЦИЈААпелациониот суд во Битола повеќето судии од Врховниот суд го издвојуваат како еден од најписмените, кој има препознатлив и квалитетен судски стил на пишување одлуки (Фото: СДК.МК)

    Јасни и кратки реченици, граматички исправни и со конкретни факти содржат најголемиот дел од судските пресуди на Апелациониот суд од Битола. Оваа судска институција, повеќето судии од Врховниот суд ја издвојуваат како една од најписмените, која има препознатлив и квалитетен судски стил на пишување одлуки. Така, во одлуките на битолска Апелација човек не може да се изгуби низ долгите и неразбирливи реченици, полни граматички грешки и нејаснотии, дигресии и повторувања, како што некои судски документи знаат да бидат. Овде се негува посебен стил, па претседателката Елизабета Манели-Ташевска вели дека изработката на една судска пресуда е рамна на магистерски труд.

    „За сѐ она што треба една судска одлука да содржи насоки има во законската регулатива и во деловникот. Така, согласно законите една судска одлука треба да има вовед, изрека и образложение. Другото сѐ е умешност, способност на судијата одлуката да ја направи и достапна до граѓаните , да ја разберат, а и суштински да има содржина за колегите да разберат што сме сакале да кажеме “, вели Манели-Ташевска.

    „За сѐ она што треба една судска одлука да содржи насоки има во законската регулатива и во деловникот“, вели претседателката на Судот Елизабета Манели-Ташевска (Фото: СДК.МК)

    Во судот се внимава пресудите да бидат писмено напишани, со јасен, разбирлив јазик, граматички знаци, образложението во минато време. Но, освен точната употреба на граматичките правила, судиите велат дека квалитетот на пресудата лежи во тоа да биде напишана во склад со доказите, да се образложи примената на материјалното право. Но, како предуслов за една добро изработена судска одлука е и добро спроведена судска постапка.

    „Воведот е не толку битна работа во пишувањето одлука, но изреката е многу важна. Она што како занаетчија судијата го прави е токму во изреката на пресудата. Тука се покажува цела умешност, кратка да е, јасна, без опширни изреки, без непотребни податоци, за да бидe и разбирлива и спроведлива“, велат судиите.

    Квалитетот го докажуваат и бројките, дури 77,58 проценти од предметите на Апелациониот ги потврдил Врховниот суд, 23 проценти укинал, а 9 проценти преиначил; – Судската библиотека постојано се збогатува (Фото: СДК.МК)

    Кога влеговме во Аплациониот суд, забележавме дека се издвојува и по дисциплината и по чистотата. Разликата е голема во однос на некои други државни институции. Ходниците беа чисти, без метеж и довикувања, низ канцелариите владееше работна атмосфера, а библиотеката иако ни ја отворија ненајавено по наше барање немаше ни прашинка. Во битолска Апелација моментално работи 21 судија, а по систематизација недостигаат уште четворица. И покрај тоа, според Годишниот извештај за 2017, на крајот од годината вкупно останале нерешени 784 предмети. Според просечно решените предмети на месечно ниво по судија од 29, 71, вкупниот заостанок може да се реши за месец и половина, што е исклучително добар резултат и го прави судот ефикасен.

    „Она што мислам дека го издвојува нашиот суд е самиот состав на кадарот. Судии со огромно судиско искуство, па се стекнале со еден судски жаргон и големо знаење од судската пракса. Повеќето од судиите што се во Апелација се пораснати во судството. 95 проценти од судиите прво вработување или поголем дел од кариерата ја имаат во судовите, се изградиле како релевантни правници и судии “, вели претседателката.

    Во овој суд и меѓусебната комуникација на судиите е на завидно ниво. Се одржуваат работни средби, се разговара за предмети без предрасуди, се спроведуваат обуки, се збогатува библиотеката. Квалитетот го докажуваат и бројките, дури 77,58 проценти од предметите на Апелациониот ги потврдил Врховниот суд, 23 проценти укинал, а 9 проценти преиначил.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира