ПЛАНИНАРСКИ МАРШ ЗА ПОДДРШКА НА МАКЕДОНИЈА ВО НАТО

    ПЛАНИНАРСКИ МАРШ ЗА ПОДДРШКА НА МАКЕДОНИЈА ВО НАТОМинистерката за одбрана Радмила Шекеринска заедно со вработени во министерствата, граѓани на Крушево и високи претставници од НАТО и ЕУ на Денот на независноста 8 Септември се искачија на врвот Мусици на Бушева Планина (Фото: СДК.МК)

    Заедно сме посилни и во вакви моменти на Македонија ѝ треба заедништво, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска при искачувањето на врвот  Мусици (1.788 мнв) на Бушева Планина. Заедно со вработени во министерствата и граѓани на Крушево на Денот на независноста 8 Септември се искачија на врвот во придружба на  високи претставници од НАТО и ЕУ, симболизирајќи го заедништвото и поддршката на Македонија  на патот за членство во НАТО и ЕУ. Тие пеш минаа два и пол километри стрмен пат од манастирот Св.Преображение во Крушево до врвот на планината. Шекеринска изјави дека и овој пат како и оној на нашата држава не бил лесен, на моменти стрмен, но дека со работа и без откажување стигнале до целта.

    „Денес е Денот на независноста, но симболиката не завршува тука. Денес е и денот на ослободувањето на Крушево.Сметаме дека оние реченици од македонската химна дека Македонија слободно живее се навистина нашето мото, гесло во кое навистина веруваме. Слободни, независни со јасна цел членство во НАТО и ЕУ, ќе бидеме подобра и постабилна држава за сите граѓани“, изјави Шекеринска.

    Горазд Бартол, шеф на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, рече дека 26 години е доволно долго за еден човек, а не и за една држава, но дека Македонија има поддршка на патот кон НАТО.

    „Сме поминале многу  и сега треба да продолжиме напред. Знаеме што сакаме, можеме да мислиме со сопствена глава, но треба и да знаеме да научиме како и да слушаме. Мора да сме доволно силни да изнајдеме начин да стигниме до врвот“, рече Бартол.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира