ПО 10.000 ДЕНАРИ ГОДИШНО ЌЕ ИМ ДАВА ГРАД СКОПЈЕ НА ЗАНАЕТЧИИТЕ ЗА ДА ГИ ПОТТИКНЕ ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ ЗАНАЕТИ

    ПО 10.000 ДЕНАРИ ГОДИШНО ЌЕ ИМ ДАВА ГРАД СКОПЈЕ НА ЗАНАЕТЧИИТЕ ЗА ДА ГИ ПОТТИКНЕ ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ ЗАНАЕТИЗа овој проект предвидени се 16.000 евра.(Фото: СДК.МК)

    Град Скопје ќе им дава на занаетчиите по 10.000 денари субвенции годишно. Објавен е оглас за субвенционирање на стари занаети и занаетчиски дејности во изумирање во градот. Пари ќе има за 100 занаетчии.

    „Градот Скопје има за цел да го поттикне развојот на традиционалните занаети преку субвенционирање на стари занаети и занаетчиски дејности во изумирање. Согласно Програмата на активностите од областа на локалниот економски развој на подрачјето на Град Скопје за 2023 година, одобрени се средства во висина од 1.000.000 денари“, се вели во огласот.

    Предвидени се средства за субвенционирање на занаетите јорганџија, опинчар, јажар, крзнар, грнчар, шапкар, ковач, лимар, казанџија, копчар, свеќар, венци, сита, саатчија, самарџии, ракотворби-корпар, ракотворби-изработка на сувенири, домашна ракотворба, изработка на филигран, накит и слични производи и производство на музички инструменти.

    Занаетчиите кои сакаат да аплицираат треба да достават барање за субвенција, решение за упис во Регистар на занаетчии, односно да имаат занаетчиска дозвола, потоа тековна состојба од Централниот регистар не постарa од шест месеци, подмирени обврски кон Град Скопје, како комунална такса – фирмарина и данок на имот доколку дуќанот е во сопственост на подносителот на барањето.

    Барањата се доставуваат до архивата на Град Скопје во барака 16.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира