ПО 10 ГОДИНИ БЕЗ КРОВ И ФАСАДА, ШТИПСКИОТ ДОМ ЗА СТАРИ ЛИЦА ПОЧНА ДА СЕ РАСПАЃА, ЗДРУЖЕНИЕТО НА ПЕНЗИОНЕРИТЕ НЕМА СРЕДСТВА ДА ГО ДОИЗГРАДИ

    ПО 10 ГОДИНИ БЕЗ КРОВ И ФАСАДА, ШТИПСКИОТ ДОМ ЗА СТАРИ ЛИЦА ПОЧНА ДА СЕ РАСПАЃА, ЗДРУЖЕНИЕТО НА ПЕНЗИОНЕРИТЕ НЕМА СРЕДСТВА ДА ГО ДОИЗГРАДИСпоред пензионерската евиденција, за досегашната изградба биле потрошени речиси половина милион евра, а потребни се уште три милиони (Фото: СДК.МК)

    По 10 години без кров и фасада и со целосно прекинати градежни работи, домот за стари лица во Штип цела деценија е мртов објект кој почна да се распаѓа.

    Пред повеќе од две децении, Здружението на пензионерите во Штип почна да го гради домот. За две години се изградија четири ката, но во 2016 градежните работи целосно беа прекинати поради судски спорови дека дел од објектот е дивоградба. Судската одисеја заврши со ослободување од обвинение, но сега објектот неколку години чека нов закон за легализација и доизградба.

    Во меѓувреме, за десет години во Штип починале над 4.000 пензионери, кои не ја дочекале можноста да бидат сместени во домот за стари лица.

    Здружението на пензионерите во Штип брои 10.427 членови, а ги опфаќа и пензионерите од соседната Општина Карбинци. Во просек, има годишен прилив од 350-400 нови членови.

    Штипскиот дом за стари лица почна да се гради во 2014 на местото каде што пред касарната „Јане Сандански“ беше војничкиот ресторан од отворен тип. Со трансформациите на АРМ, ресторанскиот објект со дворното место ѝ беше даден на користење на Општина Штип, која го отстапи на Здружението на пензионерите со цел да се гради дом за стари лица. За неполни две години никна зграда на четири ката со капациетет за сместување на 103 пензионери.

    Но, во 2016 година, кога се јавиле правни пречки околу изградбата и статусот на објектот, престанала натамошната изградба, за која според пензионерската евиденција биле потрошени речиси половина милион евра. Работите ги прекинал и изведувачот, струмичка градежна фирма, која без разрешница на проблемите не сака да продолжи со поставувањето на кровот, иако Здружението уште тогаш ги платило средствата“, вели претседателот на Здружението, Ристе Нетков, кој на оваа функција дошол кога судскиот процес завршил.

    Првите луѓе на Здружението имале серија разговори со општинските власти, од каде добиле поддршка и со сите надлежни министри, кои во изминатите 10 години само ветувале.

    Според Нетков, тие како Здружение дури се обиделе да добијат поволни кредити од банките за доизградба на Домот, за што првичните калкулации упатувале дека се потребни околу три милиони евра, затоа што проектот најверојатно ќе бара одредени корекции.

    Сите банкарски пресметки велеа дека ние како Здружение немаме финансиска моќ затоа што пензионерскиот буџет и целокупниот годишен прилив на средствата не можат да го издржат плаќањето на банкарските ануитети“, вели Нетков.

    Според Министерството за социјална политика, демографија и млади, вакви домови има во Берово, Битола, Прилеп, Куманово и Скопје, кои сместуваат околу 500 лица. Во Македонија има и триесетина приватни домови со вкупен капацитет од 1.200 легла, од кои најголемиот дел се во главниот град, а останатите во Битола и Струмица. Најавените домови во Кочани и Пробиштип, чија изградба ќе започне наскоро, ќе бидат со капациетет за 130, односно за 50 пензионери.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира