По пауза од 10 месеци, денеска во Основниот суд во Струга продолжи судскиот процес за осакатувањето на родилката од Дебар, Јилдиз Веапоска, која по породувањето остана без три органи. Одбратата на лекарите даде забелешки на стручноста на тимот кој го направи супервештачењето оти, според неа, имало надворешни членови кои не биле дел од Медицинскиот факултет.
„Приговорот се однесува дека се повикувани надворешни членови, меѓутоа, истакнато е дека тој што е носител на тимот е дел од судско-медицинскиот одбор на кого што е фактички доверено вештачењето“, изјави судијата Јордан Јованов.
Дополнително, од институцијата ќе треба да се произнесат дали при формирањето на тимот имало некакво пречки поради кои се барани надворешни членови, по што судијата ќе донесе одлука дали вештачењето ќе биде прифатено како доказ или одбиено.
Според адвокатот на Веапоска, Сашо Јанев, супервештачењето покажува кој направил пропусти во оперативниот зафат, а рокот за застареност сѐ уште трае и, како што вели, ќе има осудителна пресуда за сторителите на ова кривично дело.
„Одбраната кога е во очај презема очајнички чекори, тоа се случи денес. Обвинетите во оваа постапка нема да избегнат одговорност. Не верувам дека Медицински факултет ќе направи таков аматерски почетнички чекор што ќе се рефлектира како штетен настан по однос на супервештачењето, кое покажува кој направил пропуст и тоа е суштината на целата работа“, вели адвокатот Јанев.
Веапоска кажа дека веќе три години поминува низ Судот во Струга и очекува стирителите да ја добијат заслужената казна.
„Денеска сум смрзната, очекував правда која се надевам ќе ја добијам токму со ова супервештачење. Барам од Судот, судијата и обвинителката да има пресуда и да има затвор. Еднаш засекогаш да знаат лекарите, ако има лекарска грешка треба да има и одговорност“, кажа таа.
Претходно вештачењето на Институтот за судска медицина покажа дека влошувањето на здравствената состојба на Веапоска настанала поради делувањето на здравствениот тим во болницата во Струга.
Делото застарува во 2026, а следното рочиште е закажано за 18 март.
Случајот со Веапоска, во кој првообвинетиот Мухамед Асани, лекар-специјалист гинеколог акушер, второобвинетиот Блертон Асани, лекар-специјализант по гинекологија и акушерство, и третообвинетата Лилјана Јованоска, лекар-гинеколог акушер, се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето, веќе трета години е во судница. Судскиот процес течеше со бројни одлагања, враќања на почеток, а доби и нов судечки судија и нов совет.
С. ВРЕНЦОВСКА