ПО 13 ГОДИНИ ЗАВРШИ ИЗГРАДБАТА НА ЦРКВАТА „СВЕТИ КОНСТАНТИН И ЕЛЕНА“ ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ, НА 28 СЕПТЕМВРИ ЌЕ БИДЕ ОСВЕТЕНА

    ПО 13 ГОДИНИ ЗАВРШИ ИЗГРАДБАТА НА ЦРКВАТА „СВЕТИ КОНСТАНТИН И ЕЛЕНА“ ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ, НА 28 СЕПТЕМВРИ ЌЕ БИДЕ ОСВЕТЕНАКонечно се тргнати лимените тараби со кои беше заграден дел од улица Македонија и изминативе денови се чисти и уредува плочникот околу црквата. (Фото: К. Попов)

    Заврши изградбата на црквата „Свети Константин и Елена“ во центарот на Скопје, 13 години откако почнаа градежните работи. Конечно се тргнати лимените тараби со кои беше заграден дел од улица Македонија и изминативе денови се чисти и уредува плочникот околу црквата.

    Од Скопската епархија на Македонската православна црква-Охридска архиепископија информираат дека осветувањето на црквата ќе биде на 28 септември.

    „Осветувањето ќе го изврши Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение со бројни архиереи во 8:30 часот“, велат од Скопската епархија.

    Црквата „Св. Константин и Елена“ почна да се гради во ноември 2012, а на почетокот на изградбата присуствуваше и тогашниот премиер Никола Груевски. Инвеститори се МПЦ-ОА и Фондацијата „Св. Цар Константин“, што беше формирана од МПЦ за изградба на црквата. Груевски организираше три донаторски конференции со македонски компании за да се соберат пари за изградба.

    Во 2013 имаше насилни протести пред Општина Центар, организирани од фантомска организација, со цел да се спречи наводно уривање на црквата од тогашниот градоначалник Андреј Жерновски. За протестите имаше долго судење, кое заврши во септември 2020 со затворска казна од една и пол година за Груевски како нарачател на насилствата.

    Црквата ја градеше компанијата „Бетон“. Во 2021 приватната болница „Ре-Медика“ го презеде долгот на МПЦ и Фондацијата „Св. Цар Константин“ од околу 3,5 милиони евра за црквата. Долгот кон „Бетон“ беше 4,5 милиони евра. Дел од долгот е платен, а остатокот од 3,5 милиони го плати приватната болница за да може градежната компанија да работи подобро, без милионскиот долг за изградба на црквата.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира