После 40 години постоење на РЕК „Битола“, топловодот од РЕК влегува во Битола со што градот добива топлификациски систем кој е проектиран да работи и обезбедува топлинска енергија од 100 мегавати. Веќе завршија градежните работи на топловодот од РЕК до Битола и денес, непосредно пред 4 Ноември, Денот на ослободувањето, беше означен почетокот на изградбата на топлинската мрежа низ градот.
„Овој проект по своето значење и големина се сврстува во рангот на изграбата на РЕК ‘Битола’, на ‘Стрежево’ и други капитални објекти кои суштински го промениле и го менуваат животот во градот. Ќе бидат приклучени 35 државни институции, судови, полиција, училишта, градинки, болницата, спортската сала, објекти кои загадуваат и кои многу трошат за згревање, а потоа, мрежата ќе се разгранува низ градот. Интензивно се работи од 2021 година и системот треба да биде ставен во функција во текот на грејната сезона 2025/2026 година“, рече премиерот Димитар Ковачевски.
Овој капитален проект се реализира со 39 милиони евра поддршка на германската банка КФВ (KFW), како и дополнителни 7 милиони евра сопствени средства на АД ЕСМ. Ковачевски посочи дека е обезбедена иднина на топлификацијата без разлика од каков ресурс РЕК ќе произведува електрична енергија. Планирана е изградба на нова когенеративна електрана на природен гас, која во иднина ќе може да работи и на водород и ќе замени еден од постојните термоблокови. Дополнително, во финална фаза се и физибилити студијата, за нови над 300 мегавати фотонапонски централи на стариот рудник во РЕК „Битола“.
Генералниот директор на ЕСМ Васко Стефанов рече дека битолчани ќе добијат еколошки чист и високо комфорен начин на загревање.
„Ќе се намали користењето на електричната енергија, мазутот и огревното дрво за греење, а ќе се зголеми безбедноста и сигурноста на дистрибутивната мрежа на електрична енергија. Со воведувањето на овој вид на греење ќе се намали загадувањето и ќе се зголеми енергетската ефикасност“, рече Стефанов.
Директорот на ЕСМ Топлификација Битола, Горан Козаров рече дека започнуваат нивните предизвици со поставување на мрежата низ битолските улици.
„Откако ќе се пробиеме под железничката пруга и ќе излеземе на обиколницата, ќе се работи паралелно на двата краци на топловодот – кон улицата Партизанска и кон кружниот тек на Дулие, па нагоре кон Црн Мост. Во следните 18 месеци, низ Битола ќе бидат изградени 10,5 километри топловод“, рече Козаров.
Ж. ЗДРАВКОВСКА