ПО ЧЕТИРИ ВЕКА ЌЕ СЕ ОБНОВУВА СААТ КУЛАТА ВО ШТИП

    ПО ЧЕТИРИ ВЕКА ЌЕ СЕ ОБНОВУВА СААТ КУЛАТА ВО ШТИПМајсторот Никола Камчев во 2018 неколку месеци секојдевно го навиваше часовникот, но дотраените и скршени скали во внатрешноста на Саат кулата станале опасни за искачување. (Фото: СДК.МК)

    Саат кулата во Штип, која датира од 17. век, конечно ќе се обновува. Министерството за култура прифати неколку апликации за проекти на Музејот во Штип, од кои еден е за почетна фаза за конзервација на Саат кулата.

    „Одобрени се вкупно четири милиони денари, главно за заштита на археолошките локалитети Баргала и кај Крупиште, но и 150.000 денари за геодетски и археолошки истражувања кои се неопходни за наредните фази од целосната ревитализација на Саат кулата. Мора да се утврди каква статика има кулата стара четири века и што треба да се направи за да се дојде до покривот, каде се наоѓа стариот градски часовник. Бил поставен еден век по изградбата на кулата и треба да се реставрира затоа што по повеќе обиди часовникот пак не работи“, вели директорот на Музејот во Штип, Мите Штерјов.

    Во изминатите години имаше неколку самоиницијативни обиди градскиот саат повторно да проработи, но сето тоа траеше кратко.

    Во 2018, штипјанецот Никола Камчев неколку месеци секојдневно го навиваше часовникот, но откако не доби некоја посебна поддршка од институциите, тој престана со оваа доброволна работа. Скршените дрвени скали кои од внатрешноста на кулата водат до врвот, каде е целиот механизам на часовникот, не му гарантираа безбедност.

    Пред Камчев, градскиот саат, исто така волонтерски и со голем ентузијазам, го одржуваше Ристо Донев-Учителот. По пензионирањето како учител, тој одлучи да го продолжи кондураџискиот занает на татко му, чиј дуќан беше на три метри од Саат кулата.

    „Во малиот кондураџиски дуќан на татко ми крпев кондури и постојано мислев на градскиот саат. Според една приказна, убавата штипјанка Анка му рекла на бегот кој се заљубил во неа дека ќе ја прифати неговата понуда само ако изгради саат кула во Штип. Бегот за кратко време ја изградил кулата и од Австрија донел часовник, чие ѕвонење се слушало во целиот град и во неговата околина“, зборуваше Донев, кој градскиот саат го одржуваше цела деценија, од 1992 година, па до неговата смрт.

    Тој на еден од камењата на Саат кулата напишал дека таа датира од 1650 година.

    Од Музејот во Штип најавуваат дека по првичните конзерваторски истражувања за издржливоста на Саат кулата ќе се изготви проект за негова комплетна обнова.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира