Комисијата за проценка на штети при Општина Велес, ги објави проценките колкава штета предизвика невремето во Велешко на 4 јули и 20 август мината година. Во двете невремиња имаше обилни врежи од дожд, проследени со силен ветер. Имаше оштетувања на градежни објекти, не и на земјоделските култури.
„Невремето на 4 јули предизвикало штета на една викенд куќа, четири летниковци од угостителски објекти и еден покрив на гаража. Тоа од 20 август, пак, оштетило една викенд куќа, пет станбени згради и објект од нестопанска дејност“, пишува во писмениот елаборат.
Констатирани се штети од 209 илјади денари за невремето од 4 јули и 444 илјади денари за невремето од 20 август. Или вкупно 653 илјади денари (околу 10.500 евра).
Меѓу другото, биле оштетени и шест автомобили и пет соларни системи. Овој извештај кој Советот на Општина Велес го усвои едногласно, ќе биде препратен до Владата. Таа треба да ги обесштети граѓаните кои пријавија и добија потврда за штета со 10 отсто од проценките.
П. ПЕЧКОВ