ПО ЛАНСКАТА ПАУЗА ПОРАДИ ПРИТВОРОТ, ТАЛЕСКИ ГОДИНАВА ПАК ЌЕ ПРАВИ БИТФЕСТ

    ПО ЛАНСКАТА ПАУЗА ПОРАДИ ПРИТВОРОТ, ТАЛЕСКИ ГОДИНАВА ПАК ЌЕ ПРАВИ БИТФЕСТЛани Битфест лани паузираше, откако програмата се поклопи со куќниот притвор што на градоначалникот Талески му беше изречен како првоосомничен за случајот „Транспортер“ на Специјалното јавно обвинителство, за проневера на 360.000 евра; - од прес конференцијата за Битфест во 2015 (Фото: СДК.МК)

    Општина Битола и градоначалникот Владимир Талески ова лето повторно ќе го организираат фестивалот Битолско културно лето – Битфест. Лани Битфест лани паузираше, откако програмата се поклопи со куќниот притвор што на Талески му беше изречен како првоосомничен за случајот „Транспортер“ на Специјалното јавно обвинителство, за проневера на 360.000 евра. Така, единаесетото издание наместо лани ќе се случи годинава.

    Талески за застојот ја обвини политичката криза во Македонија и најави дека имаат над 200 апликации со настани, па фестивалот ќе трае повеќе од 60 дена.

    „Иако имаше застој и кризата ни направи голема штета, оваа година ќе почне многу порано, се надевам на почетокот на идната седмица, зашто има два или три проекти кои календарски се поврзани околу 21 јуни. Доколку најдеме сила и се организираме, тие денови ќе го започнеме Битфест. Комисијата веќе ги разгледува апликациите. Настаните ќе се распоредат да не мора луѓето секој ден по четири до пет настани да следат зашто е физички невозможно, ќе се распределат 60 дена, до крајот на август“, рече Талески.

    Тој најави дека годинава ќе влезат и нови содржини, а оние кои се повторуваат ќе треба да се видоизменат.

    Дел од поранешните содржини веќе излегоа надвор од Битфест и самостојно се одржуваат како што е фестивалот Битола отворен град на МКЦ, каде на 28 јуни гостува босанскиот бенд „Забрањено пушење“.

    Битолското културно лето под името Битфест почна да се одржува откако Талески дојде за градоначалник на Битола пред 12 години. Од тогаш и почнаа да се бројат изданијата. Како континуитет не се земаа предвид претходните неколку културни лета што ги организираше Центарот за култура на чело со тогашниот директор Борис Чоревски, кој беше кадар на СДСМ. Тој беше покровител на Битфест, каде претежно настапуваа уметници од домашната сцена.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира