По неколку неуспешни објави, Општина Штип на последниот јавен оглас успеа да го продаде стариот хотел „Гарни“ за 250.000 евра. Овој објект, кој се наоѓа во центарот на градот и е култен симбол на Штип, е купен од фирмата „Памвеј инвест“ ДООЕЛ Штип. Основана на 23 март 2025, таа се занимава со хотелско и слично сместување.
Во претходните огласи овој објект се нудеше со почетна цена од 500.000 евра, но на досегашните две лицитации немаше заинтересирани купувачи. Според секретарката на Општина Штип Вишна Шорова-Ангелова, објектот прво ѝ се нуди на државата, а ако таа се откаже, тогаш оди на јавна понуда.
Овој објект е изграден во 1924 година. Хотелот не работи повеќе од десет години и е затворен. Има седум соби, стари уредени балкони кои гледаат кон центарот на градот, мала сала за состаноци и подрумски дел за појадок. Располага со 300 квадратни метри и со летна бавча со ресторан и двор со вкупна површина од 200 квадратни метри.
Според условите од повикот, купувачот е должен да ги задржи стариот изглед на објектот и неговата основна намена и како таков од државата е заштитен како споменик од прва кетегорија.
Т. ЈОВАНОВСКИ