Заврши 10. летна школа за конзервација која по пауза од 2 ковид години се одржа во Стоби, со студенти од Мексико, САД, Велика Британија, Канада, Италија. Десетмина студенти учествуваа на меѓународната работилница за керамика, стакло и конзервација на мозаик. Организатори се Националната установа „Стоби“ и Фондацијата Балканско наследство, а проектот се реализира од 2010.
„Посетители се студенти но и љубители и проучувачи на археологијата и конзервацијата. Тие се пријавуваат и земаат учество на оваа меѓународна работилница. Најголема корист од ова има археолошкиот локалитет Стоби и на тој начин ги поддржуваме неговите тековни активности“, вели Ангелина Пенчева од Фондацијата Балканско наследство со седиште во Бугарија, која го реализира овој проект.
Во периодот додека престојуваа во Стоби, посетителите конзервираа 12 керамички и четири стаклени садови, а завршија и превентивната конзервација на мозаикот во Куќата на Партениј. Кристен Џоунс е докторанд на Квинс Универзитетот од Канада, која во Стоби доаѓа од 2015 и работи на изработка на потребната документација за конзерваторски и истражувачки проекти.
„Моето прво искуство во Стоби беше како дел од меѓународната археолошка школа во 2015, заедно со мојот ментор од Квинс универзитетот, д-р Џорџ Беван. Работевме на изработка на фотодокументација и препознавање на локалитетот. Од тогаш сум вклучена во многу проекти кои што се реализираат во Стоби и се враќам овде да продолжам со тековната работа и да помогнам на било каков начин во археолошките истражувања и конзерваторските проекти“, кажа Џоунс.
Учесниците на оваа меѓународна летна школа престојуваа еден месец на локалитетот и на лице место ги учеа тајните за реставрација на керамиката, како и основните техниките на конзервација и реставрација.
П. ПЕЧКОВ