Со завршните зборови на обвинителството и одбраната, во Основен суд Велес заврши судскиот процес за пожарот на езерото Младост, кој се случи пред шест години. Тасе Илиевски (61), Марјан Ангелов (58) и фирмата „Реал градба“ се обвинети за Тешки дела против општата сигурност и дека делото го сториле со умисла. Пожарот се случи на 26 август 2019. Според обвинителката Анастасија Миланова, не биле почитувани законите, прописите и техничките правила за заштита при работа.
„Немало препрека, лим за заштита на околината, на местото каде се брусело, лицето кое работело било поставено со лице кон блиската шума наместо кон тампонираниот дел и со грб кон неа. Не се почитувани Законот за безбедност и здравје при работа, Законот за градење и Правилникот за безбедност и здравје при работа“, кажа Миланова.
Според обвинението, огнот се појавил во 11:35 часот, кога второобвинетиот Ангелов брусел железна арматура, па искрите ја запалиле тревата и настанал пожар, кој се префрлил преку патот и се проширил кон север, кон езерото, до селото Новачани. Обвинетите на почетокот на судењето на 14 јули 2020 негираа вина по кривичното дело за кое се товарат.
„Местото каде што обвинетиот Марјан сечел со брусилката е тампонирано, нема сува трева, пред шумата има земјен ѕид од три метри каде нема трева. Местото каде е користена брусилката, далечината на шумата и висината на земјениот ѕид не дозволуваат искра да прелета и да предизвика пожар. Познато е дека искрите можеле да долетаат до подножјето на земјениот ѕид, никако да го префрлат“, рече Валентин Зафиров, бранител на првообвинетиот Тасе Илиевски како одговорно лице на обвинетата градежна фирма „Реал градба“.
Адвокатот Зафиров се повика и на фотографии од НАСА, приложени од нивниот вештак како доказ, дека во критичниот период на 26 август 2019 во 12:06 часот во околината на езерото Младост имало девет активни извори на топлина, што, според него, можно е да се девет различни и подметнати пожари.
„Преземени биле сите мерки од можни ризици согласно Законот за обезбедување заштитни мерки и Законот за безбедност и здравје при работа. Правното лице не може да биде сторител, бидејќи пожарот не е настанат поради преземено дејствие од вработено или лице со налог ангажирано од правното лице“, изјави Цветанка Настова, бранителка на обвинетото правно лице „Реал градба“.
Вина негираше и Петар Ефремов, бранителот на второобвинетиот Марјан Ангелов, кој работел со брусилката и кажа дека искри не можат да долетаат до 7-8 метри далечина, туку до два метра најдалеку.
„Искра не може да биде причина за пожар на горниот раб од брегот, не може дотаму да долета. Не може да се зборува дека обвинетиот Ангелов го сторил делото со умисла, кога тој заедно со останатите работници цел ден и ноќ биле на местото и активно го гаснеле огнот. Бил изнемоштен од замор, поцрнет и со изгорени раце“, кажа Ефремов.
Штетата од пожарот пријавена од државниот правобранител за подрачјето на Велес е 97.262.205 денари, а според вештак на одбраната е 6.348.949 денари.
П. ПЕЧКОВ