ПО ПОПЛАВАТА, СТАВЕНИ ВО ФУНКЦИЈА ДВА БАГЕРА, ПРОДОЛЖИ ИСКОПОТ НА ЈАГЛЕН ВО РЕК „БИТОЛА“

    ПО ПОПЛАВАТА, СТАВЕНИ ВО ФУНКЦИЈА ДВА БАГЕРА, ПРОДОЛЖИ ИСКОПОТ НА ЈАГЛЕН ВО РЕК „БИТОЛА“Поплавата се случи пред шест дена во рудниците Суводол и Брод Гнеотино откако за нешто повеќе од еден месец имаше четири пати поплави и во сливното подрачје на Суводол се слеаја од 630 до 650 милиони литри вода. (Фото: СДК.МК)

    Багерските единици СРс 630/1 и СРс 323 за ископ на јаглен во рудникот Суводол се повторно ставени во функција. Ископот продолжува согласно предвидениот план за производство на електрична енергија, како и потребите на електроенергетскиот систем на земјата, соопштија од АД ЕСМ.

    „Двата багери за ископ на јаглен се ставени во функција само неколку денови по поплавите што го зафатија рудникот Суводол. Санирањето на состојбите продолжува со несмален интензитет и покрај тоа што исполнета е првичната цел – континуиран дотур на јаглен за Термоелектраната Битола. Испумпувањето на водата и калта што ја оставија зад себе поплавите, продолжува и во наредниот период, се до целосно оспособување и повторно ставање во функција и на најголемиот багер за ископ на јаглен – КУ 300“, стои во соопштението.

    Од ЕСМ соопштија дека во надминување на последиците од елементарната непогода, од самиот почеток вклучено е комплетното раководство на АД ЕСМ и на РЕК Битола, како и сите вработени во рудникот Суводол и во Комбинатот. Непогодата се случи пред шест дена во рудниците Суводол и Брод Гнеотино откако за нешто повеќе од еден месец имаше четири пати поплави и во сливното подрачје на Суводол се слеаја од 630 до 650 милиони литри вода.

    Ж.ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира