Откако тело на 21-годишно момче беше пронајдено во Охридското Езеро кај „Машка плажа“ во Струга, градоначалникот на Струга, Менди Ќура, до Советот достави иницијатива за усвојување предлог-одлуки за зголемување на безбедноста на струшките капалишта.
Ќура посочи дека со децении плажите се узурпираат, а лицата кои стопанисуваат со нив често не плаќаат надоместоци и не преземаат соодветни мерки за безбедност на посетителите.
„Предложив одлука со која ќе се забрани движење и паркирање на педалинките на плажите. Иако Општината нема надлежност за нивното движење во водата, има право да ги регулира нивното поставување и користење на плажниот простор. За жал, голем дел од овие педалинки работат нелегално, без да издаваат фискални сметки и без никаква контрола“, изјави Ќура.
Тој потсети дека пред еден месец до Советот била доставена и иницијатива плажите да се менаџираат преку урбана опрема под надлежност на Општината, наместо преку нелегално изградените објекти на плажите.
Според него, покрај узурпацијата на плажите, нелегално се поставуваат лежалки и се врши нерегулирана дејност со педалинките, поради што е неопходно воспоставување ред и контрола.
„Продолжувам да барам од Советот да донесе одлука со која ќе се овозможи формирање на јавни плажи. Веќе имаме изработен проект со кој е дефинирано каде ќе има јавни, а каде приватни плажи“, рече градоначалникот.
Тој додаде дека Општината, заедно со централната власт, работи на законско решение што ќе овозможи локалната самоуправа да управува со плажите.
„Предлог-законот, подготвен од двете езерски општини, е во процедура. Очекуваме до следната година да биде донесен, со што ќе добиеме можност поефикасно да управуваме со плажите и да спречиме вакви немили настани“, кажа Ќура.
Тој се надева дека Советот ќе го поддржи проектот за урбана опрема, што ќе овозможи поголема контрола врз корисниците на плажниот простор и редовен инспекциски надзор.
„На тој начин ќе можеме да обезбедиме почитување на правилата, а концесионерите на плажите ќе бидат обврзани да ангажираат спасители и да ги исполнуваат сите безбедносни стандарди. Општината ќе има можност активно да се грижи за безбедноста на граѓаните на јавните плажи“, додаде градоначалникот
Мал број од струшките плажи, само 3 од вкупно 15, минатата година ангажирале спасители на вода, што укажува на сериозен проблем со безбедноста на капалиштата.
С. ВРЕНЦОВСКА



