ПО ВТОРПАТ Е ОДЛОЖЕНО СУДЕЊЕТО ЗА ИЗГРАДБАТА НА ТЕАТАРОТ И БИБЛИОТЕКАТА ВО ТЕТОВО

    ПО ВТОРПАТ Е ОДЛОЖЕНО СУДЕЊЕТО ЗА ИЗГРАДБАТА НА ТЕАТАРОТ И БИБЛИОТЕКАТА ВО ТЕТОВООбвинетите во периодот од 2014 до 2020 свесно ги изигрувале прописите и правилата на постапката за доделување договор за јавна набавка и ги злоупотребиле своите службена положба и овластувања. (Фото: СДК.МК)

    Во Основниот суд во Тетово по вторпат започна и веднаш беше одложено судењето за повеќе кривични дела поврзани со изградбата на новиот театар и библиотека во Тетово. На обвинителната клупа денеска седнаа Хаки Фетаи, бивш директор на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“, кој еден период беше задолжен за изградбата на театарот и библиотеката, Артан Арслани, претседател на комисијата за јавни набавки, а потоа и в. д  директор на Центарот за култура во Тетово и Бајрам Муча како главен надзорен инженер во правното лице ангажирано како надзорен орган при спроведување на договорот за јавна набавка од 2015 до 2020.

    Обвинетиот Себи Шасивари, сопственик и управител на обвинетото правно лице „Урбан план констракшн“ од Тетово, денеска не се појави на судењето поради болест, за што пред судот беа поднесени документи за неговата здравствена состојба.

    Поради отсуство на еден од обвинетите, а и поради тоа што обвинетите Хаки Фазлиу и Артан Арслани ангажирале нов адвокат кој побара дополнително да се запознае со обвинителниот акт, судијата Елведин Ферати го прекина рочиштето и продолжението на судењето го закажа за 8 октомври.

    Во декември 2024 Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција информираше дека по спроведена сеопфатна истражна постапка, до Основниот суд во Скопје поднело обвинителни акти против четири лица и против едно правно лице.

    Според Обвинителството, првообвинетиот Шасивари и второобвинетото правно лице „Урбан план констракшн“ сториле продолжено кривично дело Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. Фазлиу и Арслани сториле продолжено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, додека Муча се терети за продолжено кривично дело Несовесно работење во службата.

    Според соопштението од Обвинителството, тие во периодот од 2014 до 2020 свесно ги изигрувале прописите и правилата на постапката за доделување договор за јавна набавка и ги злоупотребиле своите службена положба и овластувања, со што за обвинетото правно лице оствариле имотна корист од 832.983.064 денари, односно околу 13 милиони евра.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира