Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на ОЈО – Скопје за определување краткотраен притвор за 4 лица, кои доцна синоќа беа спроведени во судот, а поврзани со пожарот кој на 13.09.2025 година се случи во Трубарево – Скопје, донесе решенија со кои го прифати предлогот и на: В.М., З.С., М.Д. и Л.Д. им определи мерка притвор во траење од 48 часа, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.
Поради основано сомнение дека со заеднички дејствија учествувале во извршување на кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 4 лица за кои од судија на претходна постапка вечерва ќе побара определување мерка краткотраен 48-часовен притвор за обезбедување докази. Во големиот пожар вчера и утрово гореше oпасен отпад од литиумски батерии, електронски и електричен отпаден материјал во рециклажниот центар „Ф групација“.
„Нивните конкретни дејствија се испитуваат, но станува збор за 56-годишен управител и сопственик на 2 правни лица, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишник во својство раководител на подружница и еден 59-годишник вработен во правно лице. Се испитува потенцијална одговорност и на други лица“, соопшти Обвинителството.
Во текот на денот, јавниот обвинител издаде повеќе наредби за обезбедување докази по кои се уште постапуваат надлежните органи, а се очекуваат и резултатите од извршените мерења на загадувањето од Министерството за животна средина, вели Обвинителството.
Нема зголемена радијација во воздухот, се земаат мостри од водата и почвата во Трубарево, соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) по пожарот. ИЈЗ вели дека испрати вонредни обучени екипи по насока на инспекторатот за животна средина, Министерство за здравство и Кризниот штаб, кои ќе земат примероци од почва и вода од непосредна близина на засегнатото подрачје за физичко хемиска анализа, а воедно ќе земат примероци (мостри) од чешми, бунари и почва за испитување на евентуално јонизирачко зрачење исто така во непсредна близина на засегнатите подрачја. По анализата и обработката ИЈЗ ќе ги сподели резултатите со јавноста.
Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) соопштија дека вечерва од опожарениот простор во Трубарево има слабо чадење од само неколку места кои веќе се затрупани. Се фрла специјална пена врз песочната покривка за целосно сопирање на чадењето.
Во опожареното складиште во скопско Трубарево денеска е поставена мерна станица, за да го провери квалитетот на воздухот во реално време. Министерот за животна средина и прв вицепремиер Изет Меџити кажа дека денеска ќе има резултати за квалитетот на воздухот и „за сè ќе биде известено детално и транспарентно“, но до 20 часот тие не се објавени.
Четири лица се повредени во вчерашниот пожар, на Клиниката за токсикологија е хоспитализирана жителка на Трубарево која живее во непосредна близина на пожарот и која имала вртоглавица и кашлица. Повредени се и еден полицаец, припадник на АРМ и директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Мухамд Али, но тие биле амбулантски прегледани и се пуштени на домашно лекување.
Пожарот за кратко време предизвика густ црн чад и се прошири и на неколку околни објекти. Пожарот утринава е ставен под целосна контрола по 15 часа. Селото Трубарево се наоѓа на 10 километри источно од центарот на Скопје на регионалниот пат Скопје-Велес. Во близина на селото се наоѓаат населените места Маџари, Гоце Делчев, Јурумлери, Горно Лисиче и Долно Лисиче. Мирисот на чад два дена се чувствува во цело Скопје.
- ВАКВИ РАБОТИ ЌЕ СЕ СЛУЧУВААТ И НЕМА ДА ПРЕСТАНАТ, НАПАДИТЕ ДОАЃААТ ОД ЦЕНТРИ ВО ДРЖАВАТА И ОД НАДВОР, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ПО ПОЖАРОТ ВО СКОПСКО ТРУБАРЕВО
- ЧЕТИРИ ПОВРЕДЕНИ ВО ПОЖАРОТ ВО СКОПСКО ТРУБАРЕВО
- УЧЕНИЦИТЕ ОД ТРУБАРЕВО ЕДНА НЕДЕЛА ЌЕ УЧАТ ОНЛАЈН ПОРАДИ ЗАГАДЕНИОТ ВОЗДУХ ПО ПОЖАРОТ
- ПОД КОНТРОЛА Е ПОЖАРОТ ВО ТРУБАРЕВО, НЕ ГОРИ АМА ИМА СИЛЕН ЧАД, ДЕЛОТ СО ЛИТИУМСКИ БАТЕРИИ Е ЗАТРУПАН СО ПЕСОК, РЕЧЕ АНГЕЛОВ
Б. НЕСТОРОСКА