Почина 79-годишната жена од Битола која пред шест дена беше претепана од 28-годишниот внук Т. Р. во заедничкиот дом на улицата Лавчанска корија во Битола. Таа беше погребана денеска на Светонеделските гробишта во Битола.
Таа им подлегна на тешките телесни повреди што ѝ предивикале крвавења и нагмечувања на мозокот, скршеници на ребрата и исчашувања на коски. Повредената во бессознание била пренесена во Клиничката болница во Битола, каде што починала.
Семејното насилство се случило на 17 јануари. Според Основното јавно обвинителство Битола, внукот ја блокирал и ја затворил влезната врата од куќата со фиока, по што со рацете ја удирал жената по главата и телото додека не паднала во бессознание. На тој начин внукот се обидел да ја лиши од живот, поради што е осомничен дека се обидел да стори кривично дело Убиство од член 123, став 2, точка 2, во врска со член 19 од Кривичниот законик.
По насилството осомничениот избегал, а полицијата го нашла и привела во казино во Битола. По предлог на јавен обвинител му била изречена мерка притвор и со издадено судско решение осомничениот е пратен на опсервација и вештачење во Психијатриската болница во Демир Хисар за период од најмалку еден месец.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



