ПОЧИНА БЕЗДОМНИКОТ СЕФЕДИН КУРТИШИ, КОЈ СО ДЕНОВИ ЛЕЖЕШЕ БОЛЕН И НЕПОДВИЖЕН НА КУМАНОВСКИТЕ УЛИЦИ

    ПОЧИНА БЕЗДОМНИКОТ СЕФЕДИН КУРТИШИ, КОЈ СО ДЕНОВИ ЛЕЖЕШЕ БОЛЕН И НЕПОДВИЖЕН НА КУМАНОВСКИТЕ УЛИЦИКуртиши во петокот самоволно го напуштил Психијатриското одделение на Кумановската болница, по што повторно останал на улица на ниските температури. (Фото: СДК.МК)

    Во дворот на Општата болница во Куманово вчера е пронајден починат Сефедин Куртиши (56) од Куманово, кој со сериозни здравствени проблеми и запуштен талкаше по кумановските улици. Тој во петокот самоволно го напуштил Психијатриското одделение на Кумановската болница, по што повторно останал на улица на ниските температури.

    „Во 07.20 часот, во СВР Куманово било пријавено дека во кругот на Општа болница Куманово бил пронајден починат С. К. (56), бездомник од Куманово. По овластување на Јавен обвинител, полициски службеници извршиле увид, а лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без видливи траги на насилство. По наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било предадено на претпријатие за погребални услуги“, стои во извештајот на МВР.

    Но, по налог на Јавен обвинител ќе се врши обдукција на телото на Сефедин Куртиши, за да се утврди причината за неговата смрт.

    „Издаден е налог за обдукција, за да точно се утврдат причините за смртта на бездомното лице. Иако нема сомневање за насилна смрт, сепак, поради интересот на јавноста е преземен овој чекор“, велат од Кумановското обвинителство.

    За Сефедин пред 20-тина дена пишуваше САКАМДАКАЖАМ, откако неподвижен, валкан и беспомошен, со рани на нозете повеќе денови лежеше во дворот на неговата распадната куќа во Куманово. Тој немаше лични документи нити кој да му помогне, а институциите си ја префрлаа вината кој е надлежен да постапува во неговиот случај. По апелот на неговите соседи и притисокот на медиумите, беше примен на лекување во Кумановската болница, а му беа извадени и лични документи заради остварување на право на социјална помош во Центарот за социјални работи во Куманово.

    За неговиот случај предмет отвори и канцеларијата на Народниот правобранител во Куманово, по што тој бил пренесен и во Психијатриската болница во Скопје, но не го примиле поради тоа што имал сериозни рани на нозете, кои морале да се излекуваат. Лекарите тврдеа дека тој не сакал да соработува и да прифати лекарска помош, по што самоволно го напуштал Одделението.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира