НЕПОДВИЖЕН БОЛЕН ЧОВЕК СО ДЕНОВИ ЛЕЖИ НА ОТВОРЕНО ВО КУМАНОВО, НИКОЈ НЕ ГО ЗГРИЖУВА ОТИ НЕМА ДОКУМЕНТИ

    НЕПОДВИЖЕН БОЛЕН ЧОВЕК СО ДЕНОВИ ЛЕЖИ НА ОТВОРЕНО ВО КУМАНОВО, НИКОЈ НЕ ГО ЗГРИЖУВА ОТИ НЕМА ДОКУМЕНТИ„Човекот три дена лежеше на улица, а сега е во дворот. Секој ден вртиме во полиција, во Брза помош, во Општината, кај социјалните служби и никој не доаѓа, сите се прогласија за ненадлежни“, велат соседите. (Фото: СДК.МК)

    Кумановецот Сефедин К. (56) со денови лежи неподвижен на земја пред својата распадната куќа на улицата Осогово во Куманово. Тој има проблеми со нозете и не може да се движи за да отиде на лекар, а надлежните си ја префрлаат вината кој треба да му помогне. Единствени кои засега ги алармираа и службите и медиумите се неговите соседи, кои постојано бараат институциите да интервенираат додека не е доцна.

    Сефедин нема државјанство и не е регистиран во системот за помош во Центарот за социјални работи, а неговиот живот е во рацете на институциите.

    „Човекот три дена лежеше на улица, а сега е во дворот. Не може да оди само се влече со нозете. Лежи на мокро и дење и ноќе, сега е и мокар од дождот. Секој ден вртиме во полиција, во брза помош, во Општината, кај социјалните служби и никој не доаѓа. Сите се прогласија за ненадлежни. Сите имаат изговори. Од брза помош еднаш го однесоа и го вратија, викаат не сакале да го примат во болница и повеќе не доѓаат. Од полиција велат тоа не е нивна работа, од Општина немале ингеренции, од Социјалното немале каде да го сместат. Ова е тажно да нема кој да помогне. Како одминува времето тој е во сè полоша состојба. Запуштен е и дополнително се извалка седејќи на едно место. Ние му даваме храна, ама тој има потреба од лекарства. Треба да се однесе во болница, да се лекува“, вели соседот Арбен Реџепи.

    Во куќата во која живее останале само напуштени ѕидови, без прозорци, врати, вода и струја, затрупана е во смет, а од целиот простор се шири неподнослива реа. Покрај него се само неговите кучиња. (Фото: СДК.МК)

    И другите соседи кажуваат дека човекот има сериозни здравствени проблеми и како зависник, тој запуштен талка по улиците како бескуќник и затоа треба да се смести во институција.

    Дека Сефедин се наоѓа во исклучително тешка состојба се уверивме и самите. Немоќен и исцрпен, лежи на земја покриен со ќебе. Во краткиот разговор прво ни побара да му донесеме маст за нозете затоа што целите му се во рани и многу го болат. Вели дека нема семејство да се грижи за него. Тврди дека не прима социјална помош затоа што нема документи. Во куќата во која живее останале само напуштени ѕидови, без прозорци, врати, вода и струја, затрупана е во смет, а од целиот простор се шири неподнослива реа. Покрај него се само неговите кучиња.

    Тој минатиот вторник бил пренесен со Брза помош и на Хируршкото одделение во Општата болница Куманово. Таму бил прегледан и било утврдено дека е здрав по што бил пуштен, па било побарано од Центарот за социјални работи во Куманово да го згрижи.

    „Шест дена никој не преземал ништо. Тие го оставиле на улица поради што се нашол во таква состојба. Тој човек е надвор. Нека го нахранат, нека го искапат и нека го третираат, а ако има здравствени проблеми нека го донесат ние ќе му помогнеме“, вели директорот на Општата болница Куманово, Фати Џемаили.

    Општината вели дека нема надлежност за лекување – (Фото: СДК.МК)

    Наспроти ова, од Центарот за социјални работи во Куманово велат дека Сефедин е отпуштен од болницата во катастрофалана состојба и затоа мора повторно да се згрижи таму.

    „Човекот има здравствени проблеми и треба да се смести во здравствена установа. Наместо да прифатат да го лекуваат тие и понатаму продолжуваат да бараат изговори. Бараат од нас да го искапеме за да го примат. Како можеме ние да го капеме болен човек, смееме ли тоа да го правиме без санитарни протоколи? Ние немаме капацитети за такво нешто. Нека го примат и нека му помогнат, а потоа ние ќе си ги преземеме сите обврски и ќе се активираат сите служби“, велат од Центарот, кој денеска испратил тим да го посети Сефедин и констатирал дека се наоѓа во тешка состојба.

    Со случајот се запознaени и во Општина Куманово, од каде велат дека пред една недела биле да го посетат и му однеле храна и облека од сопствени средства, но сметаат дека на него во моментот му е потребно лекување, па потоа ќе се бара решение за сместување.

    „Ние немам ингеренции во тој дел. Треба да интеренираат здравствените институции, бидејќи состојбата му е навистина тешка и доколку не се реагира брзо може да биде фатално за него“, вели Александар Крстевски, раководителот на Секторот за социјална заштита.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира