ПОЧИНА ШТИПСКИОТ ФОТОГРАФ ЈОРДАН СИМОНОВСКИ, КОЈ 75 ГОДИНИ РАКОВОДЕШЕ СО ПРВАТА ФОТО РАБОТИЛНИЦА „ФОТО ТРАЈЧЕ“

    ПОЧИНА ШТИПСКИОТ ФОТОГРАФ ЈОРДАН СИМОНОВСКИ, КОЈ 75 ГОДИНИ РАКОВОДЕШЕ СО ПРВАТА ФОТО РАБОТИЛНИЦА „ФОТО ТРАЈЧЕ“Симоновски напиша книга за 75-те години на семејното фото студио „Фото Трајче“, вчера ја закажа промоцијата, но денеска ненадејно почина. (Фото: СДК.МК)

    Утринава ненадејно почина Јордан Симоновски-Јоцо, познат по прекарот Фото Трајче, кој вчера ја најави промоцијата на својата книга 75 години  фотографско семејство на „Фото Трајче“.

    „Татко ми Трајче Симоновски во 1948 година го отворил првиот фотографски дуќан и тоа во Пробиштип, а подоцна и во Штип, што беа зачетоци на денешните дигитални фото студија. 75 години трае нашата фото приказна, насловена ‘Фото Трајче’“, рече вчера 74-годишниот Јордан Симоновски.

    Според искажаното, нивните фотографски работилници и студија секогаш го следеле технолошкиот развој и секогаш биле први во осовременувањето на дејноста не само во Македонија, туку и на Балканот. По првичните црно-бели фотографии што и денес се чуваат, пред половина век се преминало на колор техника, а повеќе од 23 години се работи во дигитална продукција.

    „Малку со збор, но повеќе со слика, книгата ги содржи нашите корени уште од моите прадедовци и сакав да им оставам аманет на моите деца и внуци тие да ги продолжат корените и нашата долгодишна традиција со фотографијата. Книгата содржи 1.600 слики кои зборуваат за нашиот занает, семејното потекло и долгата фотографска традиција. Истите фотографии ќе бидат изложени во галеријата Безистен“, рече Јордан Симоновски еден ден пред да почине.

    Неколку децении, традицијата ја продолжува неговиот син Трајче кој кратко одговори дека желбата на неговиот татко Јордан ќе биде исполнета, па нема да има одлагање на промоцијата и таа ќе се одржи на закажниот термин, a погребот ќе се изврши утре на градските гробишта во Штип.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира