Откако изби пандемијата, тетовци од христијанска вероисповед кои починале од ковид-19 почнаа да се закопуваат на новите градски гробишта во село Фалише. Иако некои од починатите веќе имале семејни гробници на старите градски гробишта, морале да се закопуваат на новата локација. Ова предивика револт кај тетовци, бидејќи се соочија со дополнителни издатоци за закуп на ново гробно место, иако веќе поседувале семејни гробници. Во решавањето на овој проблем се вклучија ЈКП од Тетово, МПЦ, операторите кои вршат погребални услуги и Комисијата за односи меѓу верските заедници.
„Од денеска, на граѓаните кои ќе ја изгубат битката со ковид-19 повторно ќе им биде овозможено правото на закоп во старите семејни гробници. Согласно својата евиденција и правилата за закоп кои важеле претходно, ЈКП ќе утврдува дали има услови за закоп, односно дали поминало доволно време од претходниот закоп и дали самото гробно место ги дозволува условите за закоп, бидејќи починатите од ковид-19 се закопуваат во метални сандаци. Лиценцираните оператори кои вршат погребални услуги и ЈКП при секој случај ќе треба да утврдат дали има услови за закоп на старите градски гробишта. Место на закоп, сепак, треба да биде избор на семејството. Одлуката починатите од ковид-19 да се закопуваат само во Фалише не е донесена од некоја државна институција, ниту од општината. ЈКП и операторите процениле дека во дадените случаи е поизводливо тие лица да се закопуваат во Фалише, каде што има многу повеќе простор, за разлика од старите градски гробишта“, изјави Даријан Сотировски, претседател на Комисијата за односи меѓу верските заедници, по денешниот состанок.
Освен Тетово, ова ќе важи и за починатите во Гостивар.
Поради немање доволно простор на старите градски православни гробишта во Тетово, од 2007 година починатите беа закопувани на новите градски гробишта во Фалише. Од почетокот на април, таму се погребани шест лица кои починале од ковид-19.
З. АНДОНОВ