ПОЧНА АСФАЛТИРАЊЕТО НА ЕКСПРЕСНИОТ ПАТ ШТИП-РАДОВИШ

    ПОЧНА АСФАЛТИРАЊЕТО НА ЕКСПРЕСНИОТ ПАТ ШТИП-РАДОВИШНовиот пат е во должина од 23,5 километри и треба да биде готов до пролетта 2021 (Фото: СДК.МК)

    Кај месноста Шести километар, во близина на клучката Штип-Радовиш-Три Чешми, почна асфалтирањето на новиот експресен пат од Штип до Радовиш, што треба да се поврзе со автопатот Штип-Миладиновци. Прво ќе се асфалтира делницата до месноста 8-ми километар кај Штип, а потоа и готовите делници кон селото Лакавица. Асфалтирањето ќе се одвива по целосно нова траса, која се протега долж сегашниот регионален пат Штип-Радовиш. И овој пат во текот на ова лето ќе добие нов асфалт.

    „Новиот експресен пат е во должина од 23,5 километри и ќе чини 28 милиони евра, средства обезбедени од Европската банка за обнова и развој. Патот треба да биде изграден најдоцна до пролетта 2021“, рече директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, кој присуствуваше на првото пробно асфалтирање на патот.

    Напоредно со асфалтирањето, ќе се работи и на доизградбата на 11-те мостови и на 22-та веќе инсталирани пропусти за вода. Според договорот со изведувачот „Штрабаг“ од Австрија, ширината на секоја лента и во двете насоки ќе изнесува 3,5 метри за возење и 2,5 метри за застанување. Новиот експресен пат завршува кај селото Бучим, а максимално дозволената брзина ќе биде 110 километри на час.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари