ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ НОВ МОСТ ВО СЕЛОТО БОГОМИЛА, СТАРИОТ РИМСКИ МОСТ ЌЕ СЕ ЗАШТИТИ КАКО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО

    ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ НОВ МОСТ ВО СЕЛОТО БОГОМИЛА, СТАРИОТ РИМСКИ МОСТ ЌЕ СЕ ЗАШТИТИ КАКО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВОOткако ќе се изгради новиот, стариот Римски мост преку Националниот конзерваторски центар ќе се заштити како историско наследство.(Фото: СДК.МК)

    Започна изградбата на нов мост во велешкото село Богомила. Мостот се гради на влезот, близу до постојниот Камен мост, кој населението го именува како Римскиот. Со ова се решава голем проблем, кој во минатото, во повеќе наврати ги вадеше од домовите богомилчани на протести.

    „Во наредните десет месеци ќе биде изграден нов мост кој има регионално значење и е финансиски поддржан со 14.5 милиони денари од Јавното претпријатие за државни патишта. Мостот ќе биде со должина од 27 метри и ширина од 6 метри“, вели градоначалникот на Општина Чашка, Горан Стојановски.

    Постојниот камен мост беше сериозно оштетен, поради тоа што на него минува камиони кои превезува огревно дрво исечено од планината Јакупица како и кварц од бројните каменоломи во Азот. Поради тоа населението во неколку наврати со жив штит, не дозволуваше да се одвива сообраќај на мостот, кој има историска вредност. Затоа откако ќе се изграден новиот, стариот Римски мост преку Националниот конзерваторски центар ќе се заштити како историско наследство.

    Стариот Камен мост е заштитен споменик на културата од 1953 година и спаѓа во групата рустични мостови. Стручњаци од Националниот конзерваторски центар на Македонија пред десет години извршиле увид, изготвиле извештај и констатирале дека на мостот се одвива товарен сообраќај кој негативно влијае врз стабилноста на мостот. Поради ова тие тогаш побарале забрана на секаков вид моторен сообраќај, конзервација и реконструкција на мостот како и изградба на нов мост преку реката Бабуна.

    „Време беше да се изгради нов мост. Поради лошата состојба на Камениот се случија повеќе несреќи, патнички возила слетуваа во реката Бабуна, луѓе се повредуваат, а од страна почнаа да паѓаат старите камени блокови. Преку овој стар мост се одвиваше целиот товарен сообраќај за пренос на стока, дрва и камен од планината Јакупица кон Велес“, велат жителите на населбата.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари