За седум месеци, радовишките пожарникари ќе добијат целосно реконструиран и функционален противпожарен дом, откако почнаа градежните работи за реконструкција и адаптација на овој објект стар неколку децении. Целиот проект чини околу 165 илјади евра кои ги обезбеди Центарот за развој на Југоисточниот Плански Регион и Општина Радовиш, за целосна реконструкција на објектот каде беше сместена Противпожарната служба на Радовиш која го покрива и подрачјето на Општина Конче.
„Наша цел беше да ги опремиме пожарникарите од Југоистокот, но и да ги подобриме условите за работа. Проблемот со стариот објект на Противпожарната служба во Радовиш се провлекуваше со години. Конечно, обезбедивме средства за реконструкција на објектот и гаражата. Планирана е целосна реконструкција на објектот тргнувајки од кровот, столаријата, водоводната и електирчната инсталација, а ќе биде инсталиран и нов систем за греење и ладење. Паралелно, предвидена е и изведба на нов противпожарен водовод со хидранти“, рекоа од Центарот за развој на Југоистокот.
Во изминатиот период пожарникарите од Радовиш освен опрема добија и нови возила. Преку Центарот за развој на Југоистокот, возниот парк беше збогатен со противпожарно возило за одговор при шумски пожари со специјална опрема, а годинава преку операцијата „Флоријан“ од Англија е донирано возило за справвуање со секаков вид пожари и елементарни катастрофи.
Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации од минатата година, во Противпожарната служба во Радовиш вкупно се ангажирани 20 пожарникари, од кои 18 се вработени. Оваа единица располага со вкупно шест противпожарни возила и одговара за потребите на Општините Радовиш и Конче.