ПОЧНА ЕСЕНСКОТО ТРЕТИРАЊЕ ПРОТИВ КОМАРЦИ ВО ВЕЛЕШКО

    ПОЧНА ЕСЕНСКОТО ТРЕТИРАЊЕ ПРОТИВ КОМАРЦИ ВО ВЕЛЕШКОТретманот се врши со биолошки ларвицид за комарци во вид на гранули (Фото: СДК.МК)

    На територијата на Велес и поблиската околина започна теренско третирање од земјата против ларви од комарци. Ова третирање е општа мерка за заштита на населението од заразни болести и се прави вторпат годинава, по она во пролетоска.

    „Теренското третирање од земја против ларви од комарци, под надзор на стручно лице од Центар за јавно здравје Велес, се врши на територија од седум хектари покрај вода и водни површини, кои се мапирани како лежишта на комарци, а посебно внимание ќе се посвети на површините со неистечена вода каде што комарците имаат идеални услови за размножување. Средството се положува во застоени водени површини. Истото не е штетно за луѓето, пчелите, ниту за домашните миленици“, соопштија од Општина Велес.

    Третманот се врши со биолошки ларвицид за комарци во вид на гранули, кој се наоѓа на листата на биоцидни производи на Министерството за здравство и се применува само за комарци и ларви кои летаат во области кои се претходно мапирани.

    Согласно елаборатот изработен од Центарот за јавно здравје Велес, ќе бидат третирани крајбрежјето на езерото Младост, делот на езерото Јарбош, Градски парк, Градски стадион, Младински парк, реонот на Потокот и градските фонтани и течението на Вардар низ Велес.

    Општина Велес е една од седумте во земјава која врши и теренско третирање по земја и авионско прскање против комарци.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира