Деновиве, веднаш до зградата на Општина Тетово започна изградба на уште еден објект наменет за општинската администрација. Според распишаниот тендер за изградба, објектот ќе чини речиси 1,4 милиони евра, а се очекува да биде завршен до крајот на оваа година. Првичната идеја на градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами беше објектот да го гради градежна компанија по пат на компензација со земјиште, но таа идеја пропаднала бидејќи такво нешто не било дозволено со закон.
„Првичната идеја беше да се реализира со јавно приватно партнерство, општината да даде земја на друга локација и да се изгради објектот на Општината. Но, испадна дека тоа не е возможно. Значи според законот не може да се направи значи таква компензација земјиште за објект и затоа одлучивме да одиме со тендер. Значи сега сѐ се реализира преку тендер и со средства на буџетот на општината“, изјави Биљал Касами.
Во постоечката зграда на општината сега, освен општинската администрација, дел од просториите се на УЈП како како и на неколку подрачни единици на Министерствата, па дел од општинската администрација работи во објекти надвор од општинската зграда.
И покрај неопходноста од нов административен простор, изградбата на новиот објект по се изгледа нема да оди така лесно, бидејќи општината има наследено големи долгови и секој месец извршителите земаат голем дел од општинските приходи. Сепак Касами е оптимист бидејќи е задоволен од зголемена наплата на даноците на имот за 2025 година.
„Реална ситуација во Општина Тетово е во делот со долгот кој е наследен, кој полека го сервисираме и се надеваме дека во текот на 2026 година ќе излеземе од извршувања и ќе можеме автономно да оперираме со буџетот. Во 2025 година сериозен дел, да не кажам многу голем дел, од буџетот се реализиран преку извршители. За прв во 2025 година имаме надминување на реализираните приходи од данокот на имот од околу 20 посто. Значи од предвидените приходи, се реализирани 120 посто. Тоа покажува дека Општина Тетово сериозно работи во делот на финансиската консолидација и реализација на сопствените изворни приходи“, вели Касами.
Новата општинска зграда ќе има приземје, два ката и поткровје со вкупна површина од 1.400 метри квадратни. Општина Тетово има администрација од речиси 400 вработени луѓе и поголем број хонорарни работници.
З. АНДОНОВ



