ПОЧНАВМЕ ДА ГИ УРИВАМЕ ДИВОГРАДБИТЕ И ЗАТОА УНЕСКО НИ ДАДЕ НОВ РОК  ДА ГО ЗАЧУВАМЕ СТАТУСОТ, ВЕЛИ ГЕОРГИЕСКИ

    ПОЧНАВМЕ ДА ГИ УРИВАМЕ ДИВОГРАДБИТЕ И ЗАТОА УНЕСКО НИ ДАДЕ НОВ РОК  ДА ГО ЗАЧУВАМЕ СТАТУСОТ, ВЕЛИ ГЕОРГИЕСКИГеоргиески смета дека Охрид сега е во далеку подобра состојба отколку во 2019 година. (Фото: СДК.МК)

    Успесите и испорачаните резултати на Општина Охрид во исполнување на препораките на УНЕСКО, беа едни од најважните причини поради кои Комитетот на светско природно и културно наследство на УНЕСКО,  одлучи да ни даде уште една шанса и дополнителен рок за зачувување на статусот на заштитено подрачје“, рече денеска охридскиот градоначалник Константин Георгиески.

    Георгиески смета дека дека отстранувањето на бесправните градби, уредувањето на крајбрежјето и доследното почитување на одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство се клучни УНЕСКО да даде дополнителни две години за исполнување на препораките

    „За мене како градоначалник и за Општина Охрид, оваа позитивна одлука значи нова енергија и мотив да продолжиме уште посилно во спроведување на решенија и да вложиме максимални напори за да покажеме дека знаеме да го чуваме и да грижиме за непроценливото богатство кое го ни е оставено како аманет“, истакна Георгиески упатувајќи благодарност до Комитетот на УНЕСКО, за тоа што покажал желба на објективен начин да ја согледа целокупната состојба и да ја препознае вистинска волја, капацитет и подготвеност за справување со наследените катастрофални состојби.

    „Оваа локална власт со поддршката на Владата и во соработка со сите надлежни институции е цврсто одлучена да стави крај на долгогодишниот хаос, злоупотреби и узурпации на најатрактивната зона од заштитениот појас. Сите нелегални градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети, согласно новите препораки на УНЕСКО, Планот за управување и законските процедури, и нема да има никаква селективност во постапките“ , рече Георгиески.

    Тој им порача на сите еколошки организации, поединци и политички партии, кои, како што рече, беа дежурни критичари и секојдневно отвараа негативни теми во јавноста, во иднина да покажат поголем степен на свесност и преку конкретни предлози и проекти да дадат поддршка на целокупниот процес, на кој е посветена Општина Охрид.

    Охридскиот градоначалник најави дека Општината, согласно Планот за управување со светското природно и културно наследство и законските процедури, спроведува анализа и подготвува соодветен план за идно уредување на крајбрежјето и плажите, за кој ќе бидат консултирани граѓаните, сите туристички чинители и релевантни организации.

    Оценувајќи ја одлуката, Охридскиот Регион уште 2 години да не биде впишан на Листата на светски културни и природни наследства во опасност, Георгиески рече дека Охрид сега е во далеку подобра состојба отколку во 2019 година.

    „Препораките кои ги имавме во 2017 година и кои беа на Сесија во Баку во 2019 година имавме задолженија да ги завршиме до јуни 2020 година. Меѓутоа Реактивната мисија дојде после само 6 месеци и Извештајот кој сега беше на разгледување на сесија не ги содржеше сите напредоци кои беа во тој период. Одлуката која сега ја донесе Комитетот за светско природно и културно наследство на УНЕСКО е многу подобра од таа во Баку бидејќи сега имаме цели две години да работиме посветено, храбро и одлучно да ги спроведеме препораките. Одговорно тврдам и гарантирам дека сите задолженија кои се во надлежност на Општина Охрид ќе ги завршиме“, рече Георгиески.

    Во однос на исполнувањето на препораките Георгиески кажа дека и надлежностите кои се под Министерство за култура, Министерство за транспорт и врски исто така треба навремено да се исполнат.

    Покрај дивоградбите кои се најголем проблем на Охридскиот регион, а со кој се справува Општината, изработката на урбанистичките планови за Стар град, поставување на нови траси за пругата према Лин, нова траса за автопатот Ќафасан-Требеништа, дислокација и решавање на депонијата Буково се само дел од активностите кои се во надлежност на државата.

    Расчистувањето на крајбрежјето од дивопоставени објекти, според Георгиески би завршило до 2023 година, по што акцијата за уривање ќе продолжи во Националниот парк Галичица.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира