ПОЧНУВА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ПЛОШТАДОТ КРУШЕВСКА РЕПУБЛИКА ВО ОХРИД, НАСКОРО НОВ ТЕНДЕР ЗА КАТНА ГАРАЖА

    ПОЧНУВА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ПЛОШТАДОТ КРУШЕВСКА РЕПУБЛИКА ВО ОХРИД, НАСКОРО НОВ ТЕНДЕР ЗА КАТНА ГАРАЖАПроектот за изградбата на Плоштадот Крушевска Република вреден, над 760.000 евра, предвидува нова урбана опрема, клупи, канделабри, лед светилки и канти за отпадоци. (Фото: СДК.МК)

    Реконструкцијата на Плоштадот Крушевска Република во Охрид започнува утре, а до крајот на овој месец ќе се распише и нов тендер за избор на изведувач за изградба на катната гаража. На денешната трета седница на Советот на Општина Охрид, општинскиот секретар Александар Китески рече дека за проектот за изградба на катна гаража на претходната тендерска постапка биле пријавени двајца изведувачи кои не ги исполнувале условите и таа треба да биде поништена.

    „До крајот на овој месец или почеток на декември ќе биде објавена уште еднаш. Очекуваме до крај на јануари да заврши повторената постапка за избор на изведувач. Што се однесува на проектот за плоштадот Крушевска Република градежните работи треба да отпочнат утре, додека за паркот Ден Долард веќе се отпочнати градежни активности“, кажа Китески.

    Тони Иваноски, раководител на Секторот за комунални дејности, појасни дека за проектите кои се реализираат со средствата од унгарскиот кредит Владата распиша оглас кој траел до 12 септември, а одлуката по однос на проектите кои што ги доставиле општините завршила на крајот од септември. Според него, дел од тендерите завршиле успешно, а дел не.

    „Морам да кажам, меѓу тие коишто не завршија успешно е и тендерот за катната гаража. Имавме поизострени критериуми во однос на тендерската постапка, со оглед дека се работи за значајен проект на градот и значајна локација, и од тие причини добивме многу малку понудувачи, два, и за жал, ниту едниот, ниту другиот не ги исполнуваа условите“, додаде Иваноски.

    Проектот за изградбата на Плоштадот Крушевска Република, капитален проект вреден 47 милиони денари (над 760.000 евра), предвидува нов лик, со нова урбана опрема, клупи, канделабри, лед светилки и канти за отпадоци. За изградбата на катната гаража ќе бидат потребни околу 165 милиони денари (2,7 милиони евра), а објектот се предвидува да биде во централното градско подрачје.

    На денешната седница на дневен ред беше ребаланост на буџетот на локалната самоуправа, со измени на програмите за работа на општинската администрација.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира