ПОДЗЕМНАТА УЛИЦА ЗАД „РАМСТОР“ СЕ ГРАДИ И ДО 2023 ЌЕ БИДЕ ГОТОВА, КАЈ ЗГРАДИТЕ КОИ СЕ КРЕВААТ ВЕЌЕ Е ИЗВЕДЕНА, ВЕЛАТ ОД „ЛИМАК“

    ПОДЗЕМНАТА УЛИЦА ЗАД „РАМСТОР“ СЕ ГРАДИ И ДО 2023 ЌЕ БИДЕ ГОТОВА, КАЈ ЗГРАДИТЕ КОИ СЕ КРЕВААТ ВЕЌЕ Е ИЗВЕДЕНА, ВЕЛАТ ОД „ЛИМАК“Инвеститорите за САКАМДАКАЖАМ.МК тврдат дека Скопје ќе ја добие сообраќајницата односно овој проект нема да заврши со кренати згради и трговски центри, а неизградена подземна улица. (Фото: К.Попов)

    Подземната улица се гради и досега се изведени 25 отсто од градежните работи за неа, велат инвеститори од компанијата „Лимак“. Веќе три години некогашниот Јужен булевар е затворен за сообраќај и на него се гради новиот комплекс кој ќе го сочинуваат трговски центар, станбени и деловни објекти. Турскиот инвеститорот треба под овие објекти да изгради подземна сообраќајница.

    Откако се почнати градежните работи зад тарабите не може да се виде што се гради и како напредуваат градежните работи за копањето на тунелот и пробивањето на улицата. Од пред неколку месеци над тарабите веќе почнаа да се издигаат зградите, кои на потпишувањето на договорот со Град Скопје беше кажано дека ќе се градат кога ќе се изгради сообраќајницата.

    Инвеститорите за САКАМДАКАЖАМ.МК објаснуваат дека онаму каде што се креваат зградите, подземната улица е веќе готова и затоа се гради над неа. Тврдат дека Скопје ќе ја добие сообраќајницата односно овој проект нема да заврши со кренати згради и трговски центри, а неизградена подземна улица.

    „Најтешката работа е завршена, поголемиот дел од тунелот под земја е пробиен односно направен е ископот, поставени се потпорни ѕидови и подземни инсталации. Сега останува полесниот дел во градењето на улицата. Досега 25 отсто од улицата е изградена. Градежните работи се одвиваат во делови или блокови односно завршуваме еден дел од улицата и потоа таму се продолжува со работа односно се креваат објекти. Потоа се гради друг дел од улицата па содржините кои се над неа. Без да се изгради тунелот не може да се кренат зградите. Зградата која ја гледате кај ‘Тутунска банка‘ е прва од четирите кули. Таа се гради бидејќи тунелот во тој дел е готов и сега продолжуваме со негово градење натаму“, вели Чагри Шерен, проект менаџер на компанијата „Лимак“.

    Од „Лимак“ велат дека тунелот е пробиен односно направен е ископот под земја, поставени се потпорни ѕидови и инсталации и сега градежните работи ќе се одвиваат полесно и побрзо. (Фото: К.Попов)

    Според проектот, улицата ќе биде со должина од 800 метри и широка 37 метри. Ќе има по две ленти во секој правец и две линии за трамвај во средината. Вкупната површина на која се гради целиот комплекс е 325 000 метри квадратни, од кои трговскиот центар ќе биде со површина од  47. 000 метри квадратни и веќе е почнат да се гради, а ќе се наоѓа зад Музејот на Град Скопје. Ќе има 4 згради, две источни и две западни со 20 ката, три нивоа паркинг простор и 17 ката станбени единици. Делот меѓу трговскиот центар и кулите ќе биде шеталиште со јавни содржини. Инвеститорите велат дека во комплекстот ќе има 3.200 паркинг места и 11.000 метри квадратни зелена површина.

    „Овој дел ќе биде главна атракција во Скопје, а улицата под комплексот ќе овозможи побрз проток на сообраќајот од едниот до другиот дел на градот. Улицата ќе биде готова во првата половина на 2023, а целиот комплекс до крајот на 2023. Сме работеле на многу проекти, но оваа улица во Скопје е уникатна бидејќи над неа ќе живеат луѓе. Затоа градиме според највисоките стандарди, постојано сме во контакти со органите во државата и Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) од каде редовно се вршат потребни мерења“, вели Куртхан Апајдин, директор на „Лимак Скопје“.

    Град Скопје треба да изгради три приклучоци за подземната улица, односно кружен тек кај „Нова Македонија“, на крстосницата на Железничка со Бихаќка и кај подвозникот кај крстосницаата на булеварите Свети Кирил и Методиј и Кочо Рацин. Но, на терен сè уште нема никакви активности за нивната изградба, ниту пак градоначалникот Петре Шилегов ги најави за годинешната градежна офанзива.

    „Сите три кружни текови за излез и влез во подземната сообраќајница се проектирани и догодина ќе ги распишеме тендерите за изведувачи. Очекувам паралелно со завршување на градежните работи за подзмената улица во 2023 да бидат и тие готови. Според првичните проценки, ќе чинат околу 22 милиони евра“, ни изјави Шилегов пред месец и половина.

    Договорот за Јужен булевар под земја со турскиот инвеститор „Лимак“ беше потпишан во 12 март 2012 од ексградоначалникот Коце Трајановски и на тогашната прес-конференција беше најавено дека ќе се почне со градба за една година. Но, повеќе од 6 години на терен ништо не се работеше, ниту пак од Град Скопје кажуваа зошто проектот не се реализира.

    Со доаѓањето на градоначалничката функција на Петре Шилегов, од „Лимак“ рекоа дека ги надминале проблемите со добивањето на потребните дозволи и во септември 2018 почнаа градежните работи. На прес-конференцијата за стартот на проектот покрај градоначалникот Шилегов, присуствуваа и премиерот Зоран Заев и тогашниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев.

    Вкупната инвестиција за овој проект е 250 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира