ПОГРАНИЧНИТЕ РЕГИОНИ СО ГРЦИЈА ЗАЕДНО ЌЕ СЕ ШТИТАТ ОД КАТАСТРОФИ

    ПОГРАНИЧНИТЕ РЕГИОНИ СО ГРЦИЈА ЗАЕДНО ЌЕ СЕ ШТИТАТ ОД КАТАСТРОФИЕдна од активностите ќе биде преуредување на коритото и брегот на реката Елешка

    Пелагонискиот регион кај нас и Западна Македонија во Грција ќе ги подигнат хуманоста и солидарноста на повисоко ниво и ќе соработуваат во заштитата на населението од катастрофи. Проектот „Заедничка прекугранична соработка за заштита на населението од природни непогоди и катастрофи од човечки фактор J-CROSS“ го спроведува Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион со други партнери, финансиран од ИПА програмата 2014-2020, а кофинансиран од Министерството за локална самоуправа.

    Една од активностите е преуредување на коритото и брегот на реката Елешка, која од Грција тече кон нашата земја и кога водостојот е висок, се случуваат поплави.

    „Зафат на Елешка е во Општина Новаци, каде доаѓаше до големи поплави. Со бајпас решение ќе го смениме текот на речното корито, а со тоа, при поплави ќе се намалат и негативните последици. Ќе се набави и багер кој ќе го одржува речното корито и ќе се користи за инфраструктурни зафати. Со меѓугранични тренинзи ќе се зајакнат капацитетите на двете страни заедно да се делува при природни непогоди“, рече Гого Видимче, директор на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион.

    Населението ќе се штити од поплави, свлечишта и земјотреси. Буџетот на Центарот за развој е околу 300.000 евра. Планирано е инсталирање на систем за рано предупредување и тревожење, изработка на меѓуграничен акционен план за превенција и управување со ризик, интегриран план за превенција од земјотреси, како и мрежа од метеостаници и ГПС-уреди за следење свлечишта во ризичната инфраструктура.

    „Имаме две главни цели: да направиме сите да сфатат дека цивилната заштита е нешто за што сите треба да се грижат и преку неа да изградиме доверба и да ги заштитиме граѓаните на двете земји. Ако нешто се случува во Битола, луѓето од Флорина (Лерин) да дојдат да помогнат и обратно“, рече Вангелис Кацарос од Универитетот Аристотел од Солун, експерт за цивилна заштита.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира