„ПОИНАКУ“ КРИТИКУВАШЕ ДЕКА УЛИЦИТЕ ВО БИТОЛА НЕ СЕ ЧИСТИ И МИЕНИ, „КОМУНАЛЕЦ“ СЛЕДНИОТ ДЕН ОБЈАВИ СЛИКИ КАКО СЕ ЧИСТАТ СО МЕТЛИ ОД ПРАЧКИ ВРЗАНИ СО КОНЕЦ

    „ПОИНАКУ“ КРИТИКУВАШЕ ДЕКА УЛИЦИТЕ ВО БИТОЛА НЕ СЕ ЧИСТИ И МИЕНИ, „КОМУНАЛЕЦ“ СЛЕДНИОТ ДЕН ОБЈАВИ СЛИКИ КАКО СЕ ЧИСТАТ СО МЕТЛИ ОД ПРАЧКИ ВРЗАНИ СО КОНЕЦ„Комуналец“ објави и фотографии како улиците ги метат вработени во претпријатието со метли од прачки врзани со јажиња и цистерна како мие коловоз. (Фото: Фејсбук)

    Претседателката на битолскиот Совет Габриела Илиевска од независната граѓанска советничка група Поинаку, на последната седница на Советот одржана на 28 јануари критикуваше дека улиците низ градот не се исчистени и измиени, иако тоа како мерка го наложило Министерството за животна средина зашто бил надминат прагот на алармирање со зголемена концентрација на ПМ10 честички во воздухот.

    „Мислам дека улиците не се измиени откако беше Зоран Соклевски директор на Комуналец (до 2017 н. з.). Пресметајте пред колку години беше директор, па ќе ви текне. Толку години не се измиени улиците. Тоа значи околу 10 години. Кој како што ќе дојде на власт не му е загадено и му е чисто. Кажете една улица каде што се исчистиле во овие четири дена шахтите и се измиле тротоарите и улицата. Една кажате ми, не 50. Ова е законска обврска“, рече Илиевска.

    Следниот ден, на 29 јануари,  Јавното претпријатие „Комуналец“ на социјалните мрежи објави дека со создавањето на услови односно покачените дневни температури, нивните екипи пристапија кон миење и метење на кружните текови, коловозите и пешачките патеки на повеќе улици. Објави и фотографии како улиците ги метат вработени во претпријатието со метли од прачки врзани со јажиња и цистерна како мие коловоз.

    По ова, Илиевска на својата фејсбук страна објави: „Ја метите калта со метла од гранки со конец врзана! Последен крик на технологијата! Па, во Европа ќе сме оделе. Дождот ќе ни го измие срамот од по улици, а и воздухот ќе ни го зачисти, секако не им смета на сите дури се на власт!“

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира