ПОИСПЛАТЛИВО Е ДА СЕ УВЕЗЕ ЈАГЛЕН ОТКОЛКУ СКАПА СТРУЈА, РЕЧЕ ДИРЕКТОРОТ НА ЕСМ КОВАЧЕВСКИ

    ПОИСПЛАТЛИВО Е ДА СЕ УВЕЗЕ ЈАГЛЕН ОТКОЛКУ СКАПА СТРУЈА, РЕЧЕ ДИРЕКТОРОТ НА ЕСМ КОВАЧЕВСКИЦените на електричната енергија на регионалните берзи се тројно зголемени, вели Ковачевски (Фото: СДК.МК)

    Со тек на годините ресурсите на јаглен во рудниците во Битола и Осломеј се намалуваат и во услови кога на стопанството му се заканува ценовен шок поради високата цена на струјата на меѓународната берза, поисплатливо е да се увезе јаглен отколку електрична енергија по енормни цени и да се ризикува дали ќе ја има доволно, рече генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, на денешната прес-конференција.

    Денеска се распиша меѓународниот тендер за набавка на јаглен за потребите на третиот блок на РЕК и на Осломеј. Со засиленото произвидство на струја се планира да се стабилизира цената на електричната енергија за стопанството.

    „Цените на електричната енергија на регионалните берзи се тројно зголемени и од 56 евра за мегават час пред неколку месеци, сега се движат меѓу 140 и 170 евра и нема најава за намалување. Стопанските субјекти се снабдуваат со електрична енергија на слободниот пазар, а со оглед на енормниот пораст на цените на берзите, нашето стопанство се соочува со опасност од голем ценовен удар. Стопанската комора ѝ посочи на Владата дека е неопходно да се преземат мерки и да се обезбеди поевтина електрична енергија преку ЕСМ”, рече Ковачевски.

    Струјата добиена од увезениот јаглен ќе се понуди дополнително по цени пониски од моментално берзанските, а поголеми од производствената.

    „Произведуваме јаглен максимално колку што можеме, но со тек на годините ресурсите се намалуваат и во Битола и во Осломеј. Тоа значи дека ќе немаме доволно домашен јаглен за производство во сите три блокови во Битола и во Осломеј, па се одлучивме на ваков чекор да не стојат блоковите во мирување или во резерва”, рече Ковачевски.

    Досега не се увезувал јаглен за потребите на РЕК, а за Осломеј се увезувал од Косово. Се очекува понудите на тендерот да пристигнат идната недела, а засиленото производство на струја ќе се изведува оваа зима, па до пролет.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира