ПОЛИЦАЈЦИ ДОЦНА СИНОЌА Ѝ ДОНЕЛЕ КРИВИЧНА ПРИЈАВА НА БИЛЈАНА ИВАНОВСКА, ОТКАКО ЈА ОБЈАВИ КАНДИДАТУРАТА ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЧКА НА ОПШТИНА ЦЕНТАР ПОДДРЖАНА ОД „НЕЗАВИСНИ ЗАЕДНО“

    ПОЛИЦАЈЦИ ДОЦНА СИНОЌА Ѝ ДОНЕЛЕ КРИВИЧНА ПРИЈАВА НА БИЛЈАНА ИВАНОВСКА, ОТКАКО ЈА ОБЈАВИ КАНДИДАТУРАТА ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЧКА НА ОПШТИНА ЦЕНТАР ПОДДРЖАНА ОД „НЕЗАВИСНИ ЗАЕДНО“„Утринава веднаш појдов да ја подигнам Поканата од ОЈО Скопје за да видам за што станува збор, ме повикуваат на разговор на 19 август“, вели Ивановска. (Фото: К. Попов)

    Билјана Ивановска, која вчера ја објави кандидатурата за градоначалничка на престојните Локалните избори поддржана од граѓанската платформа „Независни заедно“, синоќа добила кривична пријава. Како што објави Ивановска на својот фејсбук профил, по 11 часа откако ја објави кандидатура за градоначалничка на Општина Центар, полицајци затропаа на нејзината врата.

    „Синоќа во 20:30ч двајца полицајци ме побарале да ми врачат кривична пријава, но јас не бев дома. Утринава веднаш појдов да ја подигнам Поканата од ОЈО Скопје за да видам за што станува збор. Ме повикуваат на разговор на 19 август. Јас немам што да кријам, имам чиста совест и не се плашам од никакви закани и ниски удари и притисоци. Мојата цел е достоинствен живот во Центар и нашата битка заедно со ‘Независни заедно’ е отпор против воспоставените антивредности на корупција и клиентелизам кои нè доведоа до оваа ситуација. Ние со вашата поддршка ќе ја вратиме моќта кај граѓаните и нивното достоинство затоа што институциите треба да ни служам нам, а не на центрите чиј интерес е профитот. Јас навреме ќе ве информирам за ситуацијата околу оваа кривична пријава, но секако, адреса на информирање е и Обвнителството како надлежна институција“, објави Ивановска.

    Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје ни изјавија дека јавен обвинител постапува по приватна кривична пријава поднесена на 18 февруари годинава.

    „Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје постапува по приватна кривична пријава поднесена на 18.02.2025 година и презема дејствија за да ги провери наводите. Како едно од дејствијата е испитување на наведеното лице кое во периодот на кој се однесува пријавата била претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Поканата за испитување од обвинителството е испратена на 25.07.2025 година и на ниту еден начин не може да се доведе во релација со политичките активности на поканетата“, велат од Обвинителството и додаваат:

    „Во меѓувреме, со оглед на нејзината јавна реакција, надлежниот јавен обвинител телефонски ја контактираше Ивановска и и даде можност доколку сака и доколку исказот во јавното обвинителство го чувствува како некаква форма на притисок, истиот да се одложи до завршување на изборите. Приватна пријава е, не сме во можност да споделиме детали додека не се проверат наводите дали воопшто има основ. Обвинителството не би ни објавило дека е пријавена ако сама не обзнанеше“.

    Ивановска беше претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата од 2019-2024, каде дојде од местото самостојна ревизорка во Државниот завод за ревизија (ДЗР).

    Ивановска вчера и официјално беше претставена како кандидатка на „Независни заедно“ за градоначалничка на Општина Центар. Од оваа платформа рекоа дека Ивановска е поддржана од граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 398“.

    „Одлучив да се кандидарам за градоначалничка на општината во која што живеам, во која што ги делам истите проблеми со моите сограѓани и во која што го дишеме истиот воздух, кој не е загаден само со ПМ честички, туку и со многу лоши политики и корупција. Правда, интегритет и одговорност се вредности кои ме водат цел живот и сметам дека тука можат да се преточат во креативни политики кои ќе обезбедат подобра и поздрава општина. Мојата кампања ќе се базира и фокусира на барање решенија, а не на обвинувања и лични навреди, зашто моите заложби секогаш биле граѓаните пред партиите“, кажа вчера Ивановска.

    Првиот круг на Локалните избори ќе се одржи на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира