Полицијата поднесе кривична пријава против поранешната директорка на гимназијата во Демир Хисар Маја Лозановска. Таа се товари за сторено кривично дело Одземање или уништување службен печат или спис, по член 390 од Кривичниот законик.
„Пријавената во периодот од 06.08.2025 до 13.08.2025 година противправно ги криела службените печати, сопственост на гимназијата ‘Крсте Петков Мисирков’ од Демир Хисар, со што направила службените печати да бидат неупотребливи и со нив да не може да раководи новоименуваната директорка Ј. Д. (43), назначена за в. д. директор на гимнзијата со одлука од страна на Општина Демир Хисар од 05.08.2025 година“, се вели во соопштението на МВР.
„Поднесената пријава е смешно да се коментира. Јавноста преку споделените видеа јасно виде дека МВР не ни сакаше да ги пронајде печатите. Од тие причини во тек е подготовка на кривична пријава што ќе ја поднесиме до Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција против началникот на ОВР Демир Хисар, службеното лице кое постапуваше при примопредавањето на печатите, градоначалникот, двајца инспектори од Државниот просветен инспекторат кои му овозможија незаконско разрешување и Јасмина Дамчевска, новоназначената вршителка на должност. Пријавата од МВР е само за да се покријат незаконитостите во постапувањето од страна на полицијата“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК адвокатот на Лозановска, Жаре Стеваноски.
Лозановска, која на 5 август беше разрешена од директорка на училиштето замина на боледување, а печатите од школото ги оставила во сефот во кабинетот по информатика. За време на нејзиното боледување беше провалено во директорската канцеларија.
Откако таму не беа најдени, ноќта на 8 август, ден пред распишување на локалните избори полицијата го претресе домот на Лозановска, но не ги најде печатите. Тогаш началникот Роберт Мартиновски велеше дека и на носилки ќе ја однесе во станица на информативен разговор иако немаше налог, поради што беше сменет од раководната функција следниот ден.
Адвокатот Стеваноски, на 8 август изјави дека целта била да се назначи новата в. д. директорка Јасмина Дамчевска, која ја именуваше градоначалникот Никола Најдовски на пет дена пред распишување на локалните избори што се распишаа на 9 август, за таа да ги заврши трите вработувања пред распишување на изборите.
Лозановска на 13 август се јави на информативен разговор во полициската станица и кажа дека печатите се во училиштето. Потоа, со адвокатот час и половина чекаа во училишниот двор да дојде полицијата за да изврши увид и да ги земе печатите по налог на јавен обвинител. Адвокатот Стевановски објави видеоснимка на која се гледа дека печатите се во кабинетот по инфроматика во школото. Тој рече дека ги чувала директорката зашто училиштето нема секретар и дека Лозановска била лажно пријавена дека ги има одземено.
- ПОЛИЦИЈАТА ВО ДЕМИР ХИСАР ГО ЗАВРШИ ИНФОРМАТИВНИОТ РАЗГОВОР СО ДИРЕКТОРКАТА НА ГИМНАЗИЈАТА ЛОЗАНОВСКА, ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ ТРЕБА ДА ОДЛУЧИ КАЈ КОГО ЌЕ БИДАТ ПЕЧАТИТЕ
- ПОЛИЦИЈАТА ГИ ЛЕГИТИМИРАШЕ НОВИНАРСКИТЕ ЕКИПИ КОИ ГИ СЛЕДЕА НАСТАНИТЕ ВО ДЕМИР ХИСАР ПОВРЗАНИ СО ДИРЕКТОРСКИТЕ СМЕНИ ВО ГИМНАЗИЈАТА, ЗА МВР БИЛЕ НЕПОЗНАТИ ЛИЦА
- НА РАБОТА ДОЈДОА ДВЕТЕ ДИРЕКТОРКИ НА ГИМНАЗИЈАТА ВО ДЕМИР ХИСАР
- ПОЛИЦИСКИОТ НАЧАЛНИК ОД ДЕМИР ХИСАР ЌЕ СИ СНОСИ ПОСЛЕДИЦИ, НО ДА НЕ ЈА АМНЕСТИРАМЕ И ДИРЕКТОРКАТА НА ШКОЛОТО КОЈА РАБОТИ СПРОТИВНО НА ЗАКОН, РЕЧЕ МИЦКОСКИ
- ПОЛИЦИЈАТА ВО ПРИДРУЖБА НА БРЗА ПОМОШ ИЗВРШИ ПРЕТРЕС КАЈ ДИРЕКТОРКА НА ГИМНАЗИЈА ВО ДЕМИР ХИСАР, НАЧАЛНИКОТ БАРА ДА ЈА ОДНЕСАТ НА РАСПИТ НА НОСИЛКИ
- ПРЕД РАСПИШУВАЊЕ НА ИЗБОРИТЕ САКАА ДА ЈА РАЗРЕШАТ ДИРЕКТОРКАТА НА УЧИЛИШТЕТО ВО ДЕМИР ХИСАР, ВЕЛИ АДВОКАТОТ, А ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ОДГОВАРА ДЕКА ПОСТАПУВАЛ ПО РЕШЕНИЕ НА ПРОСВЕТЕН ИНСПЕКТОРАТ
- ДИРЕКТОРКАТА НА ГИМНАЗИЈАТА ОД ДЕМИР ХИСАР ВО ВТОРНИК ЌЕ ОДИ НА ИНФОРМАТИВЕН РАЗГОВОР ВО ПОЛИЦИЈА, НО СО АДВОКАТОТ ЌЕ БАРААТ ДА СЕ КОНСТАТИРА КОЈ ПРОВАЛИЛ ВО УЧИЛИШТЕТО ДЕН ПРЕД РАСПИШУВАЊЕ НА ИЗБОРИТЕ
- ДИСЦИПЛИНСКА ЗА НАЧАЛНИКОТ КОЈ НА НОСИЛКИ САКАШЕ ДА ЈА НОСИ ДИРЕКТОРКАТА НА ГИМНАЗИЈАТА ОД ДЕМИР ХИСАР ВО ПОЛИЦИЈА, МВР МУ ПРОГНОЗИРА РАЗРЕШУВАЊЕ
Ж. ЗДРАВКОВСКА