Откако рибниот фонд на велешкото езеро Младост две години беше без концесионер, од неодамна здружението на спортски риболовци „Бабуна“ од Велес ја доби концесијата. Во август 2018 истече концесијата на претходниот корисник, по што Министерството за земјоделие и водостопанство, лани распиша конкурс, кој беше неуспешен. На повторениот годинава, концесијата за рибниот фонд ја доби најстарото велешко риболовно друштво, и тоа во период од следните шест години.
„Со концесијата имаме обврска да се грижиме и со порибување да го обновуваме рибниот фонд. Но и еколошка обврска, зачувување на квалитетот на водата. Потоа треба да водиме грижа, да контролираме да нема ловење со мрежи, да нема криволов“, рече Даниел Наумовски, член на претседателството на ЗСР „Бабуна“.
Понудениот услов со кој ја добија концесијата, бил 11 отсто од секоја издадена риболовна дозвола, да вложат во грижата за рибниот фонд, преку порибување, како и вработување на уште еден рибочувар. Изминатиот период, кога немаше концесионер, рибата на езеро Младост ја чуваше од криволов, полицијата.
П. ПЕЧКОВ