Полицијата на територијата на СВР Битола вчера одзеде уште три возила управувани од возачи кои немаа положено возачки испит. Едното од затекнатите возила при сообраќајна контрола на 5 февруари, „мазда“ на патот Ресен-село Евла, било управувано од 15-годишник од Штип. Полицијата го лишила од слобода малолетникот и му го одзеле возилото.
Истиот ден во Ресен бил лишен од слобода и Д .К. (27) од с. Јанковец, возел патничко возило „рено“ без важечка возачка дозвола.
На регионалниот пат Прилеп-Македонски Брод, кај село Ропотово, Прилепско, полициски службеници го лишиле од слобода И. Н.(28) од село Гостиражни и му го одзеле возилото „фолксваген голф“.
Од 1 февруари, стапија во сила законски измени со кои се воведува одземање на моторно возило за лица кои возат без возачка дозвола и притоа прават кривично дело против безбедноста во сообраќајот.
На ваквите измени со протести се спротивставија жители на ромската популација во неколку градови низ државата. Тие два дена потестираа и блокираа патишта барајќи да возат без дозволи, зашто не се образовани да полагаат испит. Откако премиерот Христијан Мицкоски побара од МВР жестоко да одговори и им беа поднесени кривични пријави, некои од демонстрантите јавно се извинија до државниот врв, а протестите престанаа.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



