ПОНИШТЕН ТЕНДЕРОТ ЗА ФИЛТРИ, ОД РЕК ВЕЛАТ НАБАВКАТА ПАК ЌЕ СЕ ОБЈАВИ И ПРОЕKТОТ НЕМА ДА ДОЦНИ

    ПОНИШТЕН ТЕНДЕРОТ ЗА ФИЛТРИ, ОД РЕК ВЕЛАТ НАБАВКАТА ПАК ЌЕ СЕ ОБЈАВИ И ПРОЕKТОТ НЕМА ДА ДОЦНИОд РЕК велат дека забелешките за тендерот за реконструкција на електростатските филтри се од формално-правен карактер, ќе бидат отстранети и во најкус можен рок јавната набавка повторно ќе биде објавена, а нема да има доцнење во реализацијата на проектот. (Фото: СДК.МК)

    Државната комисија за жалби по јавни набавки го поништи тендерот за избор на економски оператор за реконструкција на електростатските филтри во РЕК Битола, соопштија од Комбинатот. Од РЕК велат дека забелешките се од формално-правен карактер, ќе бидат отстранети и во најкус можен рок јавната набавка повторно ќе биде објавена и нема да има доцнење во реализацијата на проектот.

    Од РЕК Битола велат дека доследно ги почитуваат законските прописи кои во случајов наложија јавната набавка, која е од исклучително значење за комбинатот, за ЕСМ и за државата, да започне од почеток.

    „Доцнење во реализацијата на овој проект нема да има. Средствата во висина од 20,4 милиони евра се обезбедени и постапката ќе се реализира согласно и претходно споменатата динамика последователно за секој од блоковите во 2020, во 2021 и во 2022 година“, се вели во соопштението од РЕК.

    На забелешката од позиционата ВМРО-ДПМНЕ дека приказната за заштита на животната средина со реконструкција на електростатските филтри се распаднала, од РЕК велат: „Програмата за подобрување на квалитетот на воздухот најавувана од советничката на ВМРО-ДПМНЕ во 2013 година, која ако воопшто постоела, останала само на хартија, a и зафатот за реконструкција на електростатските филтри во РЕК Битола мораше многу порано да биде започнат“.

    На 29 март годинава, РЕК Битола распиша тендер за набавка на филтри. Со новите електростатски филтри треба да се намали издувот на прашина за пет пати, односно од 100 милиграми на помалку од 20 милиграми, а за набавката компанијата ќе инвестира сопствени средства.

    По цели 37 години работа за првпат ќе се реконструираат електростатските филтри на блоковите на енергетскиот стожер во земјава. Филтрите на првиот и вториот блок биле градени во периодот од 1979 до 1982, на третиот блок во 1986, а до денес не претрпеле никаква ревитализација. Дури и кога во 2007  претходното раководство на Комбинатот ја започнало постапката за добивање на А интегрирана дозвола, иако намалувањето на прашината бил еден од условите, сепак, не се започнало со освежување на филтрите.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира