ПОПЛАВЕНИ УЛИЦИ ВО БИТОЛА И ВО СЕЛОТО КРАВАРИ

    ПОПЛАВЕНИ УЛИЦИ ВО БИТОЛА И ВО СЕЛОТО КРАВАРИНајкритично во Битола е кај старата фабрика „Прогрес“, а под вода е и улицата Македонска фаланга, односно старата Иво Лола Рибар, сè до Железничката станица и дел од патот кон граничниот премин со Грција. (Фото: СДК.МК)

    Од обилните врнежи од дожд во Битола се излеа реката Курделес, што предизвика поплави на повеќе улици. Најкритично е кај старата фабрика „Прогрес“, а под вода е и улицата Македонска фаланга, односно старата Иво Лола Рибар, сè до Железничката станица и дел од патот кон граничниот премин со Грција. Поплавен е и дел од селото Кравари во Битолско. Под вода се улици и земјоделски површини, а жителите стравуваат дека водата ќе навлезе и во нивните домови.

    „Кога и да врне, настанува проблем во селото и досега не е најдено решение. Ова е најстрашно досега“, велат жителите.

    Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, потврди дека дошло до поплавување на дел од селото Кравари поради каналската мрежа.

    „На лице место сум со директорот на Јавното претпријатие ‘Водовод’ Битола, Андреј Гинов, каде што ја следиме состојбата. Битолски ‘Водовод’ во Кравари интервенира со механизација, а станува збор за проблем со каналската мрежа која не може да ја прими големата количина вода. Поради тоа, екипите на ‘Водовод’ работат на лоцирање на најкритичните точки, со цел што поскоро санирање на состојбата“, соопшти Коњановски.

    Интервенции има и на улицата Солунска во населбата Боримечка, на Лавчански пат и во населбата Стрчин во Битола, како и во селата Канино, Лера и Горно Српци, покрај реката Црна, како и во потесното и поширокото градско подрачје на општината.

    Од Општина Битола соопштија дека мобилизирани се екипите од јавните претпријатија, кои работат на санирање на состојбата и ќе останат на терен во текот на ноќта.

    Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) соопшти дека како последица на врнежите од дожд во текот на денов, зголемување има на водостојот на скоро сите водотеци низ Македонија.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира