ПОРАДИ ДЕФЕКТ НА ФИЛТЕРОТ ИЗЛЕГУВА ЦРН ЧАД ОД ПЕЧКАТА ЗА МЕДИЦИНСКИ ОТПАД ВО ДРИСЛА, ВЕЛАТ ОД ИНСПЕКТОРАТОТ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА

    ПОРАДИ ДЕФЕКТ НА ФИЛТЕРОТ ИЗЛЕГУВА ЦРН ЧАД ОД ПЕЧКАТА ЗА МЕДИЦИНСКИ ОТПАД ВО ДРИСЛА, ВЕЛАТ ОД ИНСПЕКТОРАТОТ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНАОд Државниот инспекторат за животна средина велат дека дефектот е мал и додека не се отстрани печката нема да работи; - Филтерот на печката за медицински отпад на Дрисла беше поставен лани во април.(Фото: Ѓ. Личовски)

    Поради дефект на филтерот на печката за медицински отпад излегува црн чад на депонијата Дрисла. Од Државниот инспекторат за животна средина за Мета велат дека дефектот е мал и додека не се отстрани печката нема да работи.

    „Се работи за дефект на филтерот. Дефектот не е голем, туку се појавила пукнатина по што од Дрисла пријавиле до инспекторатот. Дрисла го има делот што треба да се замени и најдоцна за 15 дена ќе биде готово, а можеби и побрзо. Сега е исклучена печката за да се санира дефектот“ велат од Државниот инспекторат за животна средина.

    Од Инспекторатот велат дека вршат редовни контроли за емисиите кои ги испушта печката. Откако е поставен филтерот до сега, сите резултати се во граници на нормалата.

    После 18 години, во април лани на печката за медицински отпад во Дрисла беше поставен филтер кој ги апсорбира штетните честички кои се испуштаат во воздухот. Филтерот е поставен откако во јануари 2018, Министерството за животна средина ја казни Дрисла бидејќи печката не ги исполнуваше стандардите за работа и поради тоа неколку месеци беше надвор од употреба.

    Со поставување на филтерот значително се намалени штетните честички кои се испуштаат во воздухот, односно сулфурните и азотните оксиди се намалени до 15 пати а ПМ честичките од 150-160 микрограми на метар кубен се намалени на 25 микрограми на метар кубен.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира